Достапни линкови

Радмила Шеќеринска, претседател на СДСМ. Со заштедените пари од СДСМ владата на Груевски ја купува наклонетоста на многумина


Госпоѓа Шеќеринска, не сметате ли дека СДСМ треба да ја промени стратегијата на опозиционата борба, да воведе некои други форми за да не биде „поклопена“ од власта, како што сега се случува со играта на портпаролските, па и лидерските препукувања?

СДСМ настојува и во своето функционирање како опозиција да избега од таа шема. Меѓутоа, за жал власта не воведе во таква пракса. Мислам дека малку ја заситивме јавноста со тој тип на дупли прес конференции или прес конференции и контра прес конференции. Затоа, СДСМ апсолутно во својата работа ќе применува и применува други политики. Прво, да предлага нови закони, и амандмани во Собранието. Тие мислам дека се главниот дел од нашата активност како опозиција. Сакаме да завладее една поконструктивна атмосфера меѓу партиите, но мора да имаме одговор од другата страна. За жал, во момонтов одговорот е обвинувања, омраза, реваншизам, критика и ниту едно одговорено прашање ниту од јавноста ниту од нас.

Затоа прашав, дали СДСМ со промена на стратегијата може да издејствува поинаков начин на комуникација со власта?

До сега, секогаш имало едно правило, тоа е дека власта е малку позаинтересирана за подобар дијалог со опозицијата. Ова е прв пат, кога една власт во принцип не што е помалку заинтересирана да соработува туку ги уништува сите иницијативи за соработка. И сега ние можеме да се прилагодуваме на таквото однесување, меѓутоа, од него не можеме да избегаме.

СДСМ до сега го бележи најнискиот рејтинг што воопшто го имала партијата, чувствувате ли лична одговорност за тоа?

Прво, не е точно. Говоревме дека најнискиот рејтинг СДСМ го доживеа во периодот кога имавме внатрешни судири и конфликти, и кога рејтингот на партијата по изборите падна на шест проценти. Така што, мислам дека е многу невообичаено и многу нелогично и индикативно кога во јавноста се создава фама со погрешни и манипулирани бројки и тоа не сакам да се дозволува за случајот на СДСМ. Така што, јас сум убедена дека СДСМ го избра вистинскиот начин на функционирање како опозиција. Ова не е едноставен период, нема да биде лесно, од другата страна имаме прилично остра власт, која често пати манипулира, и често пати со пари ја купува наклоноста на многумина, меѓутоа мојот план и планот на СДСМ е да ги добиеме посакуваниот рејтинг и резултати тогаш кога се потребни, а тоа е на избори.

Актуалната влада на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлуки за зголемување на платите, пензиите, од друга страна, намалување на даноците, обесштетување на земјоделците и низа други вакви мерки. Се должи ли тоа на подобрената економија, или во времето на СДСМ немаше пари поради голема корупција?

Ако веќе зборувам за одредени врски, ќе кажам дека на пример, случајот ОКТА којшто не не чини 50 милиони долари, туку секоја година многу, десетици милиони долари, можеби и тоа е дел од математиката. Владата на СДСМ штедеше, бидејќи кога дојде на власт во буџетот немаше пари. Мислам дека главниот проблем кога правиме споредби е што забораваме основни податоци. Еве на пример, еден податок кој честопати не се споменува. Тоа е дека минатата година, значи во годината кога се одржаа изборите, буџетскиот дефицит на Македонија изнесуваше 1,7 милијарди денари. Пред само четири години, кога ВМРО-ДПМНЕ ја остави власта и ја предаде на СДСМ, тој ист буџетски дефицит изнесуваше над 17 милијарди денари. Кога ќе наследите долг од 17 милијарди денари не можете да поделите поголема плата, оти ги немате парите. А, кога ќе наследите, многупати, десетркратно намален долг, тогаш можете и да одите на популарна мерка, којашто е добра и со која ќе ги покачите платите на дел од граѓаните во Република Македонија. Меѓутоа, се плашам дека ако Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се сведат само на оваа политика, дека по три години долгот повторно нема да биде само 1,7 милјарди денари, туку повторно ќе биде неколкукратно поголем, тоа е популизам, тоа е неодговорна влада.

Обвинувате дека станува збор за популистички мерки, сметате ли дека Груевски се подготвува за предвремени избори?

Има одредени индикации коишто говорат дека предвремените избори се причина за овие мерки. Сеуште е прерано да цениме иако Груевски вели дека тоа не е опција за која размислува. Иако, јас имам дилеми дали неговото мнозинство ќе гласа за предвремени избори, мислам дека е прерано тоа да се каже.

Да преминеме на други теми, ја обвинувате власта за селективност во борбата против корупцијата. Сметате ли дека можеби и СДСМ ја покажа истата селективност во одбраната на демократијата, конкретно мислам на случајот Бучковски?

Во овој случај, ова беше единствен случај кога Собранието можеше нешто да каже. Бидејќи, Собранието е она кое го одзема имунитетот. Ние и во минатото говоревме дека селективно се применува правото и селективно се применува мерката притвор. Тоа го кажувавме на прес конференции, во Собрание, но немавме прилика за дискусија на оваа тема. Ова беше единствената причина тоа да го правиме. Многу јасно, од почетокот кажавме дека ова не е дискусија да се заштити еден човек или некој којшто може да биде обвинет, туку е дискусија да се заштити принципот на презумпција на невиност. Ако, влеземе во процедура, во којашто МВР ќе не прогласува за криминалци и никој нема да реагира, во која министри и влади ќе ги оценуваат сите оние кои се обвинети за веќе докажани криминалци, тоа веќе не мириса на демократија. И тоа не се однесува само на пратениците утре може да му се случи на секој. Кога ги гледате на телевизија снимките за притвор, кога гледате како луѓе се притвараат, а после три четири месеци уште нема кривични пријави мислам дека не треба да седиме на страна. Сето ова се работи коишто ни малку не наликуваат на борба против криминалот и корупцијата. Создаваат само атмосфера на страв, создаваат атмосфера во којашто секој си седи дома и молчи затоа што не е добро да се спротиставуваш на власта. СДСМ тоа не го направи ниту кога власта на ВМРО беше и посстра и потворена во својата острина 1998 – 2002, нема ниту сега да го прави.

Госпоѓа Шеќеринска, под целосна блокада сме за судските реформи. Постојано се обвинувате со власта околу застојот. Што конкретно може да стори СДСМ за да се помрднат работите во овој процес?

Власта не направи ништо од неопходните реформи во судството.

Тоа е во делот на власта, но јас прашав што опозицијата може да направи?

Сега, после ваквото однесување на власта, единственото што ние можевме да го направиме е ние да свикаме, наместо власта да не покани да седнеме и да разговараме, СДСМ беше партијата која иницираше средби меѓу политичките партии. И во принцип повеќе од тоа, малку можеме да направиме. Излеговме со конкретни предлози, отстапивме од некои од нашите предлози за да постигнеме консензус, за да сфатиме на крајот дека на ВМРО-ДПМНЕ целта не му била спроведување и завршување на судските реформи, туку единствената цел која особено беше видлива кај министерот за правда беше да се допартизира обвинителството и да се направи добар притисок и врз судството. Решението може да се најде само доколку власта сфати дека вака не може понатаму.

Има ли во Македонија сеуште политичка криза. До каде сме со политичкиот дијалог? Како ја оценувате ситуацијата?

Функционален и ефикасен политички дијалог нема. Затоа што мислам дека е многу ниско нивото и зрелоста на дел од важните политички субјекти. Мислам дека владее одреден хаос во приоритетите кај владата и мнозинството. Жалам што една од првите жртви на таквиот непостоечки политички дијалог, во Собранието, во Владата, во општеството се македонските европски амбиции.

СДСМ го поддржува планот на Ахтисари за Косово, но во изминативе месеци се погласни се најавите за поделба на покраината. Во контекст на ова и најновите бегства на седуммина косовски затвореници од затворот Дубрава, како и бегството од скопскиот затвор Идризово. Сметате ли дека Македонија е исправена пред безбедносни ризици?

Гланата политика требаше да биде да ги решиме внатрешните проблеми за да не дозволиме било каков увоз на нестабилност од Косово. Непостоечкиот политички дијалог, лошата атмосфера и во албанскиот политички блок во Македонија и помеѓу најголемите политички партии од македонскиот и албанскиот етнички блок ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не помагаат. Не помага тоа што постојано некој го проблематизира Бадентеровото мнозинство, читањето на Охридскиот договор, не помага дури ниту тоа што премиерот седна да се договара и се договори со Ахмети, а потоа се пишмани. Сето тоа создава полоша атмосфера во Македонија отколку пред една година. За вакви прашања не треба да се делиме на оптимисти и песимисти. Мислам дека сите треба да бидеме многу реални, кога велиме дека Македонија не смее да си дозволи грешка во чекори.
XS
SM
MD
LG