Достапни линкови

Револтот на граѓаните е оправдан, сметаат градските советници


Паушалното пресметување на данокот на имот е нова нереална состојба и револтот на граѓаните по првите добиени сметки според новите проценки за негово пресметување е оправдан сметаат советниците во собранието на град Скопје. Откако градот Скопје најави дека поради недостиг на администрација данокот ќе го пресметува паушално, на граѓаните на Скопје добија драсти;но повисоки сметки за плаќање на данокот на имот. Независниот советник во собранието на градот Скопје Тони Ѓуревски ги охрабрува граѓаните да поднесуваат жалби на пристигнатите сметки.

„Не се извршени проценки на имотот на самото место и од таа причина се направени грешки. Јас укажав на неколку грешки, каде што се издавани неколку решенија со различни износи или издавани решенија на мртви лица.“

Како илустрација за нереалните суми Ѓуревски вели дека некои од граѓаните му го нудат на градот да го откупи нивниот имоти по цената на која добиле пресметка за плаќање данок. Ако градот не е подготвен да ја пресмета реалната пазарна вредност на станот и не располага со доволно администрација за излегување на терен, тогаш треба да ги прифати сумите Што ги нудат граѓаните, смета Ѓуревски. Советникот од СДСМ Саша Кузмановски вели дека данокот на имот е основен извор на средства за општините и тој мора да се пресметува онака како што наложува новиот закон за локална самоуправа. Но во однос на поранешната незаинтересираност на државата за овој данок, за него сегашниот револт на граѓаните е очекуван и оправдан. Но тој револтот го лоцира во канцелариската проценка на имотот.

„Добар дел на пријавените се од социјализмот, каде што имаше сосема друго вреднување на имотот во државата. Јас разбирам дека овој зафат е голем, меѓутоа врз основа на пазарна економија, што произведе реални последици и реакции, она што се прави сега да се воспостави реален регистар, потресите се такви какви што се.“

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ најавува дека ќе поднесе барање до градот Скопје за точно да се види методологијата на проценка.

„Ќе поднесеме иницијатива до администрацијата на градот, за да се определи по која методологија е направена пресметката,“
XS
SM
MD
LG