Достапни линкови

Договорот ќе се потпише во септември, уверуваат од Министерството за финансии


Сеуште не е потпишана Спогодбата за одбегнување на двојното оданочување со Австрија иако тоа требаше да се случи при посетата на нивниот претседател минатиот месец. Тогаш потпишувањето се одложи поради несогласувањата меѓу претседателот Црвенковски и министерот Славески во чие присуство да се случи тоа. Беше најавено дека одложувањето е само за две недели и по месец и половина граѓаните и бизнисмените сеуште плаќаат данок на двете држави. Портпаролот на министерството за финансии Мартин Мартиновски вели дека се во контакт со австриската амбасада:

„Бидејќи се работи за летен период и годишни одмори, беше договорено тоа да се направи во текот на септември, така што очекуваме во наредните денови да добиеме конкретна информација кога би можел висок претставник од австриската држава да дојде тука и да се потпише договорот.“

Според Мартиновски овој договор бил заглавен во Виена уште од минатата година и за него немало интерес од македонската амбасада. Министерот Славески го иницирал неговото потпишување при посетата на Виенскиот економски форум:

„Пролонгирање од еден месец навистина не претставува некој сериозен проблем. Суштината е дека она што било ,,заглавено“ беше потикнато од наша страна и помина низ „филтрите“ на австриските институции.“

Двојно оданочување е многу штетно за државата и таа треба да се труди да потпише што е можно повеке такви договори, вели професорот од Економскиот Факултет Живко Атанасовски:

„Избегнувањето на двојно одданочување е крајно позитивно, поради избегнување на преголемо оптоварување на профитот на граѓаните, односно на доходот на фирмите со што се овозможува движење на капиталот, стимулирање на приливот на странски капитал и се зголемува штедењето.“

вели Атанасовски и додава дека државната каса нема да изгуби многу пари доколку се потпише договорот поради тоа што бизнисмените и сега наоѓаат начин да не го плаќаат данокот:

„Даночните обврзници би реагирале на начин за да го избегнат плаќањето на данокот или со земање на државјанство на друга држава или со прикриавање на данокот на приходите затоа што на пример никој не е подготвен да плати данок на добивка по стапка од 30% од Австрија, а потоа по стапка од 12% плус во Македонија на истиот приход.“

објаснува Атанасовски.
XS
SM
MD
LG