Достапни линкови

Која беше улогата на Карл Роув во бушовата администрација?


Карл Роув, главниот политички стратег на американскиот претседател Џорџ Буш деновиве објави дека ќе ја напушти Белата Куќа кон крајот на месецов. Која беше улогата на Роув во бушовата администрација?

Карл Роув беше на страната на Џорџ Буш од почетокот на неговата политичка кариера, помагајќи му да стане гувернер на Тексас во илјада деветстотини деведесет и четвртата година и претседател на Соединетите држави шест години потоа. Способноста на Роув да победува на избори и неговото мајсторство во таканаречената политика од сенка му го донесоа прекарот Мозокот на Буш. По реизборот во две илјади и четврта година Буш него го најави само како:

„Архитектот. Карл Роув“

А еве како него го опишува Патрик Бешам од Като институтот во Вашингтон.

„Би го опишал Карл Роув како еден од најталентираните политички стратези во изминативе неколку децении во Соединетите држави. Тој има огромно влијание врз политиката на Белата Куќа бидејќи поседува вештина и остроумност во препознавањето на моментното расположение на американскиот електорат и на начинот на кој тоа тело би можело да се придобие за себе. “

Но, во последно време, се чини, дека Роув го изгуби тоа чувство. Рејтинзите на Буш стануваат се пониски и тоа пред се поради војната во Ирак. И покрај тоа што Роув не беше официјално инволвиран во надворешната политика, тој имаше клучна улога во убедувањето на Конгресот да ја одобри инвазијата врз Ирак во март две илјади и третата година. Тој одигра и важна улога како претседавач на Групата за Ирак, специјална комисија на Белата Куќа за ирачката војна. На домашен план пак, Роув беше критикуван за социјалната политика и за владиниот бавен одговор на ураганот Катрина кој пред две години го разурна Њу Орлеанс. Конечно тој не успеа да ги спречи Демократите да освојат мнозинство места за Конгресот во минатата година. Роув фигурираше и како дел од неколку шпионски афери во земјата. Но, како и да е, Карл Роув, во интервјуто за Вол Стрит Џрнал каде што впрочем ја најави и својата оставка вели дека се повлекува со цел да му посвети повеќе време на неговото семејство.
XS
SM
MD
LG