Достапни линкови

Изјавата на Ишингер за Косово не е случајна


Изјавата на европретставникот во посредничката тројка на Контакт групата Волфганг Ишингер дека сите опции се во игра, вклучувајќи ја и поделбата на Косово, доколку за тоа се согласат Белград и Приштина не е случајна. Ова за Радио Слободна Европа го оценува Франц Лотар Алтман директор на Балканскиот оддел на Институтот за меѓународни и безбедносни прашања во Берлин. Според него, едностраното прогласување на независноста на Косово е најверојатниот исход од новите преговори, по што ќе дојде до отцепување на неговиот северен дел.

Франц Лотар Алтман е на мислење дека со новите дополнителни преговори за Косово, Западот има намера да импокаже на Србија, на косовските албанци и на Русија што е се можно, а што не.

„Тоа звучи контрадикторно, но за почеток на оваа фаза на преговорите треба да се земат предвид сите опции и да се разговара за нив дури и ако на меѓународната заедница и е јасно дека поделбата на Косово би била многу ризична за стабилноста во регионот.“

Вели Алтман, прецизирајќи какви опасности носи таквото решение:

„Тоа би ги поттикнало албанците во Прешевската долина да се отцепат од Србија, потоа тоа да го сторат албанците во Западна Македонија, а Република Српска да се одвои од Босна и Херцеговина.“

Алтман не е оптимист дека во новата фаза на преговори би било изнајдено компромисно решение за идниот косовски статус, со оглед на тоа што, како што вели, постојат дијаметрално спротивставени позиции и разлики на двете страни кои тешко се надминуваат. Во врска со тоа што доколку до крајот на годинава не дојде до солуција тој вели:

„За тоа постојат разлики меѓу Соединетите Држави и Европската Унија. Европејците повеќе би сакале преговорите и натаму да продолжат. Вашингтон пак, смета дека тоа би било бесцелно. Поради тоа очекувам до крајот на годинава парламентот на Косово да прогласи независност.“

Тогаш, како што вели Алтман, одделни земји, како Соединетите Држави, ќе го признаат Косово, ќе имало и многу воздржани, а Русија и натаму жестоко ќе се противи на независноста на Косово:

„Во ствраноста, во случај на унилатерлано прогласување на независноста на Косово ќе им биде многу тешко на властите во Приштина да управуваат со Митровица и околината кои ќе бидат потпомогнати од Белград со цел да се покаже дека Косово е нестабилна и поделена држава.“

Смета Франц Лотар Алтман од Берлинскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања, наведувајќи дека Европската Унија настојува да ги избегне токму негативните последици од едностраното прогласување на независноста внатре во Косово и во регионот.
XS
SM
MD
LG