Достапни линкови

Експерите и властите не се согласуваат за ефектите врз економијата


Во процесот на приватизација на Косово „влегоа“ 476 некогаш општествени претпријатија. Косовските претставници велат дека од процесот на приватизација веќе можат да се видат првите позитивни ефекти во економијата. Но, со ова не се согласуваат експертите.

Косовската доверителна агенција објави приватизација на 476 претпријатија. Заменик директорот на Агенцијата Ахмет Шала вели дека на Косово почнуваат да се гледаат конкретни резултати од процесот на приватизација:

„Извозот на Косово во споредба со 2004 година е зголемен за пет пати. Во 2004 година тој изнесуваше 16 милиони евра, во 2005-та – 32 милиони, а во 2006-та дури 76 милиони евра. Доколку некое од приватизираните претпријатија годинава почне со работа, во текот на 2007-2008 година ќе имаме извоз од околу 200 милиони евра“

вели Шала. Но, со овој оптимизам и високи оценки не се согласуваат и економските експерти. Директорот на американската стопанска комора на Косово Мимоза Кусари Љиља, вели дека процесот ниту бил успешен, ниту потфрлил. Таа истакнува дека во буџетот на Косово не се слеале значајни средства од процесот на приватизација, бидејќи овој процес не успеал да ја намали невработеноста и сиромаштијата на Косово:

„Можеме да се пофалиме само со собраните средства. Резултатите ќе бидат видливи единствено тогаш кога ќе имаме зголемување на Бруто Домашниот Производ, зголемување на вработеноста, намалување на степенот на сиромшатијата, тогаш можеме да кажеме дека сме имале непосредно влијание врз стопанството на Косово.“

вели Кусари Љиља која меѓу проблемите во приватизациониот процес на Косово, го гледа фактот дека не се активирани сите приватизирани претпријатија:

„Претпријатијата кои се приватизирани преку методата обичен спиноф, се соочија со проблеми. Тие немаа обврска да инвестираат и тоа не го сторија, освен во случаи кога проценија дека инвестирањето може да биде оправдано.“

Инаку приватизацијата на Косово се смета за специфична поради тоа што средствата кои се добиваат од процесот на приватизација се вложуваат во посебни фондови надвор од Косово. Тие се чуваат за да се подмират евентуалните обврски кон оние што тврдат дека биле сопственици на поранешните општествени претпријатија, во конкретниот случај тоа се претпријатија од Србија кои кон крајот на 80-тите и 90-тите години, извршија фиктивно припојување на претпријатијата од Косово со оние во Србија. За тоа кој е вистинскиот сопственик, сега одлучува специјален совет на Врховниот суд на Косово.
XS
SM
MD
LG