Достапни линкови

Народни собири во Пелинце и Мечкин Камен


Денес Република Македонија е реалност, држава со свое место на меѓународната сцена, факт кој никој не го оспорува или доведува во прашање. Сонот на бројни генерации е конечно реализиран и тоа е нешто што никој повеќе не може да го измени. Вака претседателот Бранко Црвенковски и се обрати на македонската јавност, од меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.

„Тоа што сме, сме како резултат на се што било и на сите што биле пред нас, и затоа секој обид, а денес за жал повторно ги има, за фалсификување и ново пишување на историјата е штетен, анти – национален и како таков однапред осуден на неуспех.“

Интеграцијата во Европската Унија и во НАТО се определби околу кои од првиот момент до денес во Македонија постои општ политички, етнички и социјален консензус, рече Црвенковски

„Ова не е време за бојкот на парламентот и другите институции. Ова не е време за популизам и добивање на јавното расположение, ова не е време за долги и јалови партиски преговори за се и сешто, уште помалку за непочитување на договореното и дадениот збор. Ова е време за сериозни постапки и одлуки, за преземање на одговорност и лидерство во процесите.“

Свечена церемонија во чест на Илинден, се одржа и на Мечкин Камен во Крушево, каде што свое поздравно обраќање имаше премиерот Никола Груевски:

„Принципите на кушевскиот манифест се историски доказ за широко изразената демократска, толерантна, братска и космополитска ориентација на македонскиот народ, за заедничка борба со сите етнички заедници за создавање на македонска држава.“

Духот на Илинден соодветствува со денешните европски и евроатлански вредности на демократијата и толеранцијата и нив ги прави наши автентични и изворни принципи, посочи Груевски.

„Македонија и новата генерација Македонци се исправени пред поинакви предизвици – зачувување на индентитетот и достоинството на нацијата и создавање на стабилна, функционална, економски развиена и просперитетна Република Македонија.“

На чествувањето во Пелинце и на Мечкин Камен присуствуваа многу личности од политичкиот и јавниот живот, како и претставници на дипломатскиот кор во земјава.
XS
SM
MD
LG