Достапни линкови

МНР го повлече барањето за посета на Прохор Пчињски


На два дена пред чевствувањето на Илинден нема изгледи дека работите ќе се сменат. МНР му се заблагодари на српското Министерство за надворешни работи на кооперативноста и го повлече барањето за посета на Прохор Пчињски. Со ова на празникот му се одзема од оригиналноста и автентичноста сметаат експертите но исто така не се согласуваат дека во тоа име треба да инсистира на посета на местото на конституирањето на македонската држава по цена на молење и понижување.

„Тоа е факт, од тоа нема бегање, таму е формирана македонската држава. Тоа што сега ние не можеме да одиме таму е знак на добра волја на српската влада, но тоа не значи дека треба да биде и гест на уцена. Сигурно дека постои политизирање,“

вели професор Тодор Чепреганов

Владиката Петар однесувањето на другата страна го нарече неправда и злоупотреба на македонскиот народ и држава.

„Да се нема ниту малку усет да чувствата на еден народ и држава, која на тој простор ја конституирала својата држава мислам дека е крајно непримерно и од страна на СПЦ, но не мислам дека тоа е инцидент само на СПЦ, туку мислам дека има барем премолчено одобрување и на српската држава.“

Македонското минситерство за надворешни работи останувајќи на воспоставената дипломатска позиција за целиот настан не ја товари политиката на северниот сосед.

„Ние не сметаме дека зад тоа стои српската држава, како што знаете имаме добри билатерални односи со официјален Белград, значи се работи за борба меѓу црквите којашто треба да добие друга димензија и како ќе почне да се развиваат во позитивна насока ние повторно ќе пристапиме кон она што е наше легитимно право,“

вели портпаролката на министерството за надворешни работи Шпреса Јусуфи.

Српскиот вицепремиер Божидар Ѓелиќ при посетата на Македонија рече дека ова прашање не е во ингеренции на српската влада и дека тоа прашање треба да се реши меѓу црквите. Македонија чекаше одговор три недели пред да го повлече барањето. Срамота е нацијата секоја вечер до 2 август пред ТВ екраните да исчекува дали СПЦ ќе се смилува и ќе дозволи прослава на местото каде што е одржано второто заседание на АСНОМ, рече премиерот Груевски. Претседателот Бранко Црвенковски сметаше дека одлуката е избрзана и дека не треба на тој начин да се симнува одговорноста на српската влада и црква. На иницијатива на Црвенковски пред три години беше изграден меморијалниот центар Пелинце посветен на АСНОМ за да се избегнат непријатностите по повод одбележувањето на големиот македонски празник предизвикани од нерешениот спор меѓу СПЦ и МПЦ.
XS
SM
MD
LG