Достапни линкови

Во Македонија нема поволен бизнис амбиент, a реформите одат бавно


Домашните претпријатија не чувствуваат зголемена погодност на деловната клима, покажува анкетата што ја спроведе Заводот за статистика. Тие се жалат на намален обем на производство и лоша севкупна состојба, вклучувајќи ги и условите за нови вработувања. Нема пораст на домашната потрошувачка и не се развиени способностите за пласман на странските пазари, појаснува професорот Ванчо Узунов:

„Тоа, овој вид на реформа владата на ја обезбедува. Таа обезбедува нешто друго, но тоа не помага за зголемување на домашната побарувачка, ниту пак да станат извозно конкурентни повеќе. Домашните фирми, практично гледаат реформа од којашто тие немаат речиси ништо, а реформа се одвива.“

Остварениот пораст на БДП во првото тромесечие од годинава не го подигнаа стандардот на граѓаните, објаснува Узунов. Условите за стопанисување и севкупната економска состојба на претпријатијата ќе се зголеми тогаш, кога тие ќе имаат услови за проширување на своите капацитети и да отвораат нови, но таков амбиент сеуште нема, вели професорот Абдулменаф Беџети:

„Во Македонија не е сеуште инвестициониот амбиент адекватен, освен тие што доаѓаат конјуктурно и профитабилно, инвестираат за да остварат профит врз основа на една монополска позиција на пазарот. Значи, не се инвестира таму каде што има конкурентен амбиент, таму каде што преку конкуренција ќе се добива конкурентен производ, било за внатре или надвор.“

Домашните бизнисмени не очекуваат подобра ситуација ниту во наредните месеци:

„Бавно се движат работите, во однос посебно на увозните суровини. Тие сеуште се оцаринети, а готовите стоки од истите земји влегуваат без царина. Тоа е апсурд. Најголем проблем кај нас се придонесите, коишто се голем терет врз растот на производството,“

вели сопственикот на текстилното претпријатие Пелистер Димче Стојановски.

Професорот Беџети вели дека оваа состојба негативно ќе влијае и во поглед на вработувањето:

„Без инвестиции нема нови вработувања. Сите нови вработувања се насочени во јавниот сектор, а не во приватниот. Без инвестиции не може да очекувате нови вработувања.“
XS
SM
MD
LG