Достапни линкови

Средбите се важни, но потребно е да се презентираат конкретни резултати, коментираат политиколозите


Владата ќе ја исполни обврската што ја презеде и ќе ги усвои сите закони за приближување до европското законодавство до крајот на овој месец, ова е пораката на премиерот Никола Груевски до еврокомесарот Рен и високиот претставник на Унијата Солана, денеска во Брисел. Но, според поранешниот премиер актуелен пратеник на СДСМ Владо Бучковски, средбата не е редовна:

„Според моите информации средбата е на барање на нашата Влада, затоа што и последната средба со Оли Рен покажа дека премиерот не е навикнат да го критикуваат.“

Критиките од европските претставници стигнуваат и на адресите и на Владата и на опозицијата. Пред извештајот за напредокот на државата што ќе биде објавен во ноември, ЕУ посува и на реформи и на конкретни резултати. Бучковски вели дека извештајот нема да биде позитивен:

„Драфтот веќе се прави, оценка е дека извештајот нема да биде поволен. Дека тоа што го користат како термини во ЕУ е дека Македонија оваа година го забави процесот.“

Аналитичарите пак истакнуваат дека ваквите средби се исклучително важни за нас. Но, според политикологот Дане Талески првиот човек на Владата нема да биде, ниту фален, ниту критикуван за неговата работа:

„Јас негледам нови работи кои би биле истакнати, ниту пак нешто посебно негативно дека се случило. Имено откако се врати ДУИ во Парламентот, јас би ја истакнал таа промена што се случи, а требаше да донесе позитивни резултатите, сега работите како да стојат, се во застој, а има една јасна листа на приоритети, како употреба на јазикот, деловникот, реформите во судството, верските слободи итн.“

вели Талески.
XS
SM
MD
LG