Достапни линкови

„Алфите“ ставија ред во Дебар


Последниве неколку години, Дебар и околните селски населби се соочуваат со голем број кражби, разбојништва и други проблеми во сообраќајот. Вооружени, маскирани банди создадоа страв и паника кај населението, а во периферијата на Дебар и пограничните населби, покрај полицијата, и самите граѓани често беа приморани да дежураат и да си го заштитат својот имот. Локалната самоуправа во Дебар одржа бројни седници, на кои, беше побарано од надлежните институции во земјава поголема безбедност за животот и имотот на граѓаните, бидејќи само во периодот јануари – јуни беа евидентирани десетина разбојништва и над 50 други кражби. Деновиве покрај редовниот полициски состав во Дебар, за безбедносната состојба во градот и селата се грижат и припадници на специјалната единица Алфи. За само две недели кражбите се максимално намалени, а состојбата со сообраќајот кои беше хаотичен е ставена под контрола. Одземени се над 40 нерегистрирани автомобили, мотори и други превозни средства, а притворени се и лица кои се огрешиле кон законот, меѓу кои и лице од странство кое било фатено во Дебар. Дебарчани даваат силна поддршка на активностите на специјалната полиција и велат дека безбедносната состојба е подобрена:

„Јас немам чуено дека е украдено нешто, откако се дојдени овие.“
„Со доаѓањето на Алфите животот во градот е подобар меѓу сите националности.“


Подобруваењето на јавниот ред и мир позитивно ќе влијае и врз зголемувањето на бројот на гостите во дебарските бањи, вели извршниот директор Бајрам Сапа:

„Безбедносната ситуација е главен фактор за развој на туризмот. Со тоа, директно ќе се зголеми бројот на посетителите во дебарските бањи.“

Стабилизираната состојба ја поздравуваат и голем број печалбари и иселеници кои привремено се дојдени во родниот крај, но сите прашуваат и дали состојбата ќе биде ваква и по заминувањето на специјалците на МВР?
XS
SM
MD
LG