Достапни линкови

Без конкретен договор


Без конкретен договор, со најава дека разговорите ќе продолжат следната недела. Така заврши петчасовната средба на премиерот Никола Груевски со лидерите на политичките партии, која како обид да се деблокира застојот во судските реформи беше иницирана од лидерката на опозициската СДСМ, Радмила Шеќеринска.
Премиерот Никола Груевски потврди дека главна тема на средбата била декомплетирањето на судскиот совет, притоа истакнувајќи дека за одредени работи било забележано приближување на спротивставените ставови.

„Да речам дека сум повеќе оптимист отколку песимист, дека можеби во догледно време, можеби до крајто на месецов ќе имаме избор на судски совет.“

Спротивно од оптимистичките изјави на премиерот, лидерката на СДСМ, Радмила Шеќеринска изрази незадоволство од текот на разговорите.

„Мислам дека на крајот беше испуштена шансата и од денешната средба да има барем еден прецизен договор, за жал поради по малку и политичката суета на премиерот не успеавме да се договориме за ниту едно од прашањата.“

СДСМ предложија преку дијалог да се решат недоразбирањата околу составот на судскиот совет, особено откако предлозите на претседателот Бранко Црвенковски за двајца членови на советот не добија парламентарно мнозинство. И Груевски и Шеќеринска се согласија дека е потребно што побрзо да се докомплетира судскиот совет и оти треба да се поддржат личностите кои немаат политичко минато.
На лидерската средба присуствуваа лидерите на скоро сите политички партии во земјава. Арбен Џафери од Демократската Партија на Албанците ја обвини опозицијата за создавање на вештачка криза.

„Јас имам мислење дека во Македонија постои методологја на стварање на вештачка криза и се етаблираат вон институционални инстанци каде што се врши дијалогот.“

На ова регираше потпретседателот на ДУИ, Рафиз Алити.

„И на господинот Џафери и на Груевски им е јасно дека тие ја инсталираат оваа логика дека кризата е вештачка. Таа е реална, со самиот факт дека не се почитуваше гласот на Албанците.“

По завршувањето на средбата премиерот Груевски истакна дека било разговарано и за некои други теми, законот за јавно обвинителство, потоа измените во изборниот законик и предлогот на опозицијата за гласање на македонската дијаспора на парламентарните и претседателски избори, и деталите од неодамнешниот договор на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ. Според Шеќеринска пак, на средбата било разговарано само за принципите за утврдување на судскиот совет и недоразбирањата околу неговото комплетирање.
XS
SM
MD
LG