Достапни линкови

Поддршка за НАТО аспирациите на трите земји


Македонија, Албанија и Хрватска по денешниот состанок со американскиот претседател Џорџ Буш при неговата посета на Албанија, добиле подршка за НАТО аспирациите на трите земји. „Имаме силна поддршка за трите земји на следниот самит на НАТО во Букурешт да добиеме покана за целосно членство во Алијансата, истакна македонскиот премиер Никола Груевски по средбата со американскиот претседател Џорџ Буш на заедничката прес конференција со хрватскиот и албанскиот премиер Иво Санадер и Сали Бериша оценувајќи ја средбата како историски настан, не само за трите земји туку и за регионот во целина. Груевски меѓудругото истакна дека од состанокот е побарано финализирање на реформите, а Соединетите држави даваат целосна подршка за досегашните реализирани реформи. Албанскиот премиер Сали Бериша оцени дека состанокот претставува најсилна поддршка за трите држави што е дадена од страна на Соединетите Држави и се очекува заедничко членство во НАТО, додаде тој.
Според хрватскиот премиер Иво Санадер, Хрватска направила одредени чекори напред во реформите, но верува оти наредната година, сите три држави ќе влезат во Алијансата. На средбата со американскиот претседател Џорџ Буш како што се јавува станало збор за состојбите во регионот, и ситуацијата во Косово. А токму Косово, освен НАТО интеграциите беше една од главните теми при денешната посета на американскиот претседател Џорџ Буш на Албанија. Тој во Тирана на заедничката прес конференција со албанскиот премиер Сали Берша изјави дека секој план кој подразбира продолжување на преговорите како крајна цел мора да ја има ,,извесната независност,, на Косово:
„Предочив две работи јасно. Прво, дека мора да го придвижиме процесот напред и второ крајниот резултат е независност.“
рече Буш кој додаде дека порано или подоцна ќе мора да се каже дека Косово е независно. Американскиот претседател изрази загриженост доколку не се исполнат очекувањата на луѓето од Косово, при што ја повика Албанија да помогне во одржувањето на мирот додека процесот за добивање независност на Косово се движи напред.

Денешната посета на Буш на Албанија беше прва посета на еден американски претседател на оваа земја. Тој беше одликуван од албанскиот претседател Алфред Мојсиу со орденот на националното знаме, а како што се јавува Буш во Тирана беше срдечно дочекан од мнозинството граѓани, за разлика од протестите во Германија и Италија. Негова следна и последна станица од европската турнеја е Бугарија.
XS
SM
MD
LG