Достапни линкови

Деблокада на процесот за утврдување на статусот на Косово?


Претставници на институциите и политичките партии на Косово веруваат дека на Самитот на најразвиените земји и Русија што се одржува во Германија ќе може да дојде до деблокада на процесот за утврдување на статусот на Косово. На ваков став се и претставниците на косовските срби.

Премиерот на Косово Агим Чеку изразува оптимизам дека на Самитот на Групата осум може да се постигне согласност за предлогот за нова резолуција за Косово:

„Косово сега е единствено нерешено прашање и бара брзо решавање. Убеден сум дека на состанокот ќе направт обиди за изнаоѓање решение, односно да се деблокира донесувањето на резолуцијата на што се противи Русија.“

На ваков став е и генералниот секретар на најголемата опозициона Демократска партија на Косово Јакуп Красниќи кој прецизира:

„Одлуката на Советот за безбедност ќе зависи од она што ќе се случи на самитот Г осум. Сепак, врз основа на досегашните изјави на самитот нема да има конечна одлука за Косово.“

И пратеникот на Српската листа за Косово и Метохија Драгиша Крстовиќ очекуба на самитот да дојде до приближување на ставовите меѓу Соединетоте Држави и Европската Унија од една и Русија од друга страна:

„Ми се чини дека последните изјави на претседателот путин навестуваат некакво приближување на тие ставови. Тука особено мислам на неговата изјава дека со Белград би требало да се разговара претпазливо. Мислам дека тоа укажува оти е можен договор.“

Политичкиот аналитичар Ибархим Гаши пак, смета дека на самитот во Германија нема да дојде до конечно приближување на ставовите:

„Мислам дека на овој состанок нема да има конечно приближување што го очекуваат многумина аналитичари, особено околу попуштањето на Русија. Ова ќе биде само добра шанса за директен разговор меѓу двете страни за Косово.“

Предлог резолуцијата што ја подготвија Соединетите Држави и земјите членки на Советот за безбедност од Европската Унија која за основа го има планот на Марти Ахтисари за надгледувана независност на Косово, е отфрлена од Русија. Сепак, премиерот Агим Чеку е оптимист и верува дека косовското прашање ќе биде решено ако не на самиот на Г осум, тогаш многу бргу по овој состанок.
XS
SM
MD
LG