Достапни линкови

Само судска реформа, без реформи во другите сегменти ништо не се добива, велат надлежните


По повеќе од три години во кои потрошив многу време, енергија и пари веќе незнам дали и кога ќе заврши мојот судски спор, раскажува скопјанката Љубица Ристевска. Таа е една од многуте граѓани кои секојдневно се борат со бавното судство. На почетокот не ни претпоставував дека мојата навидум едноставна постапка на делба на имот ќе трае со години, раскажува Ристеска:

„Што можам да очекувам, ако сега вака се прави, што знам што ќе биде понатака. Јас ги имам документите, но кога ќе дојдам на суд, тие одат по нивно. Мислам дека тука нешто не оди.“

Иако ми требаше доста време да ја обезбедам потребната документација од надлежните институции, сепак и по собирањето на потребниот материјал, процесот се уште не е решен, вели Ристевска. Без да и се соопштат причините поради кои се одолговлекува нејзината постапка, судењата постојано биле одложувани.

„По неколку месеци се одолговлекува постапката, а зошто кога јас ги имам документите. Ова е претерано што се прави.“

Судските постапки не успеа да ги забрза и новиот закон за парнична постапка според кој се предвидува решавање на спорот најдоцна за шест месеци, посочува адвокатот Шпенд Деваја.

„Сеуште од страна на судот не се почитуваат тие рокови. Сеуште проблем е доставата и податоците што треба да ги добиеме од МВР за личните податоци на странките.“

Деваја вели дека проблеми има се уште поради тоа што старите постапки се решаваат со стариот закон, а кај новите предмети најголем проблем предизвикува се уште бавната достава.

„Кога зборуваме за реформа во правосудството, треба да има реформа на целокупниот систем, реформа на бирократијата, на администрацијата, бидејќи нема да има ефект ако направите реформа на судството, а нема компјутерска поврзаност.“

Деваја признава дека во поголемиот број случаи забавувањето на судските постапки зависи и од субјективните убедувања на судијата, но посочува дека за тоа одредена вина имаат и адвокатите и нивната недоволна ангажираност.
XS
SM
MD
LG