Достапни линкови

Тие се внимателни, ние сме оптимисти


Нема потреба од песимистички сценарија, коментираат од министерството за финансии по последниот извештај од Европската банка за обнова и развој, во кој се наведува дека економскиот пораст во земјава ќе биде 4 наместо предвидените 6 отсто и оти од другите 29 земји во транзиција, годинава ќе имаме странски директни инвестиции од 150 милиони долари или повеќе само во споредба со Таџикистан и Киргистан.

„Тие се попретпазливи во нивните проекции, а ние влегуваме пооптимистички. Нивните главни забелешки одат дека ризикот може да произлезе од регионална нестабилност, којашто може да произлезе од Косово, но ние цениме дека тоа ќе биде добро изменаџирано од нашата држава и од меѓународната заедница,“

Изјави Мартин Мартиновски, портпарол на министерството за финансии

Економските аналитичари укажуваат дека предвидениот пораст од 4 отсто ја одразува реалната економска моќ на земјава и оти државата треба да превземе конкретни мерки за стимулирање на економскиот раст.

„Економскиот раст е раст којшто се базира на факторите на производство. Значи инвестициите во човечкиот, физичкиот капитал, инфраструктурата, во моментов може да го подигнат економскиот раст,“

објаснува економскиот аналитичар Димитар Ефтимовски.

Тој вели дека покрај тоа што дека една од причините поради кои странските инвестиции во земјава недостасуваат е тоа што потенцијалните кандидати ја доживуваат како ризично подрачје за инвестирање, сепак постојат и други фактори

„Кога Република Македонија со било која странска земја која би требало да инвестира има дефицит во трговската размена, тогаш прашањето е зошто таа земја да инвестира во капацитети кај нас кога истите пари ги зема преку бартер аранжани.“

Според извештајот на Европската банка за обнова и развој во земјава од 1994 до 2007 година стигнале околу 1,6 милијарда долари директни инвестиции, што во споредба со земјите од регионот е повеќе само од Црна Гора. Според извештајот, во сите земји од регионот годинава се очекуваат повеќе странски инвестиции и поголем пораст на економиите во овие земји, или во просек околку шест проценти.
XS
SM
MD
LG