Достапни линкови

Префрлањето на вината и одговорноста е бегање од вистината, вели Претседателот Бранко Црвенковски


Секогаш кога од надвор доаѓа порака која не е поволна за Македонија итреба да ни ги отвори очите, премиерот се обидува вината и одговорноста да ја дислоцира кај некој друг. Ова е реакцијата на шефот на државата Бранко Црвенковски на неодамнешните обвинувања од премиерот Никола Груевски дека претседателот не само што не помага туку и одмага на земјава во процесот на приближување кон евроатланските интеграции:

„Не е проблемот во тоа што некои работи не се добри во Македонија, туку според него тоа е резултат на кодошења, предавства, на недоволен патриотизам и слично. Тоа е затварање на очите пред вистината и така нема да одиме напред. Проблеми има и сите ние кои што реално ги согледуваме, а кои што живееме во Македонија сме свесни за тоа. Вистинскиот пат е да ги констатираме тие проблеми и да ги решаваме. Тогаш кога ќе ги решаваме тие проблеми и сликата за нас во Брисел радикално ќе се подобри.“

Вели претседателот Црвенковски во интервјуто за Радио Слободна Европа што ќе се емитува во недела. Обвинувањата од владата дека претседателот Црвенковски ја кодоши државата кај меѓународните претставници, го свртеа вниманието и на меѓународната заедница. Во изминатите неколку дена од Европската Унија и НАТО беа упатени критики дека освен политичкиот дијалог и кохабитацијата е еден од условите за натамошен напредок на државата. Дека ваквиот развој на настаните не и оди во прилог на државата, се согласува и професорот по уставно право Светомир Шкариќ:

„Претседателот на Републиката припаѓа на една политичка опоција, а премиерот на друга и затоа тие се принудени да кохабитираат. Но во такви услови сега треба да се покаже доблест и на едениот и на другиот, на компромис. Во овој нашиот случај сега и Претседателот и Владата треба да се договараат во кој сегменти на меѓународната политика ќе има претседателот предност, а во кои сегменти Владата. Значи тоа се прашања што неможат до крај да бидат регулирани во Уставот, туку со одреден дијалог.“

Шкариќ објаснува дека кохабитацијата е во функција на запирање на монополот на еден орган и тоа е добро за демократскиот развој на земјата. Тој додава дека во областа на меѓународната политика, претседателот ја има клучната улога, а владата е орган што ги извршува техничките одлуки. Препукувањата влада-претседател траат подолго време и според експертите штетат на имиџот што земјава го гради пред Меѓународната зедница.
XS
SM
MD
LG