Достапни линкови

Стојан Андов претседател на Либерална Партија. Промена на Уставот е вистинско решение за надминување на недоразбирањата Претседател-Влада


Последните случувања во владината коалиција ја раздвижија политичката сцена. Дали и Либералната партија исто како и НСДП се чувствува изневерена од одредени владини решенија?

ЛП е дел од изборната коалиција и ние имаме подруг однос во владата. Имено сите наши забелешки ние ги кажуваме, многу порано и во нашите непосредни контакти. Сметаме дека се води сметка за тоа што го укажуваме, некогаш се разбира и некои наши работи не се прифаќаат, но ние сепак не правиме драма од тоа, на крајот на краиштата оваа влада нема навршено ниту една година од владеењето. И затоа нашите разлики ние не ги изнесуваме на јавна сцена, и ние сме во владата и имаме можност да ги кажеме сите наши забелешки и предлози во рамки на комисиите, работните групи итн.

Веќе подолго време не функционира ниту односот Претседател-Влада. Каде ја гледате вината за таквиот однос и како според вас може да се надмине ваквата ситуација?

Тоа произлегува од погрешно решените односи, надлежности во Уставот. Кај нас покрај тоа што со Уставот е спроведен принципот на поделба на власта, на законодавна, извршна и судска, со Уставот се поделени и надлежностите на извршната власт. И оттаму произлегуваат овие судири. Јас кога се договоравме за уставните промени за судските реформи, му предложив на тогашниот премиер Бучковски да се измени Уставот и да спроведеме парламентарен систем. Извршната власт да премине во Владата, а претседателот на државата да има надлежности како во Германија, Австрија, Италија... но за тоа немаше расположение. Но сега во овој момент заради ефикасно делување на институциите, затегнатите односи не се добри и сметам дека затоа што поскоро треба да се најде некоја форма на кохабитација за овој период, а инаку сметам дека вистинско решение е промена на Уставот. Јас не би рекол дека од Владата потегнуваат овие проблеми, основна причина е што таа сака да си ги извршува задачите, а уставните решенија во извршната власт ги делат надлежностите и го ,,вплеткуваат,, и претседателот во остварувањето на некои од тие извршни функции.

Вие сте предлагач на законот за лустрација кој предизвика широки расправи околу категоријата на луѓе кои што ќе бидат опфатени со овој закон. Зошто некои новинари упорно пишуваат или се против донесувањето на овој закон?

Во првата фаза, законот за лустрација беше широко подржан во Собранието, од вкупно 120 пратеници го подржаа 94 пратеници, ниеден друг закон или документ не бил прифатен во Собранието со толкаво мнозинство. Во тогаш предложениот закон, во првата фаза, не беа предложени некои категории, односно новинарите, меѓутоа општо барање на пратениците беше во законот да има поширок опфат, меѓу кои и новинарите, што беше внесено во втората фаза од законот.

Мислите дека тие новинари се плашат од можните последици, доколку биде докажано дека соработувале со тајните служби. Кои ќе бидат последиците?

Ако работи во јавните електронски медиуми, ќе има забрана од пет години да неможе да ја врши функцијата новинар, а ако работи во приватни медиуми какви мерки против него ќе бидат преземени во приватните медиуми, тоа тие треба да одлучат.

Има ли предвидено некои механизми за заштита на тие лица. На пример ако се оцрнат пред јавноста, има некои сомневања, а подоцна се докаже дека не бил виновен?

Неможе да биде објавено името на никого, ако Комисијата утврди дека тој бил соработник на тајните служби, тој има право тоа да го оспори на суд, ако мисли дека има аргументи, односно дека се лажни доказите на Комисијата. Така да има судска заштита.

По законот за лустрација предлагате и закон за рехабилитација на политичките затвореници по Втората светска војна. Очекувате ли дека парламентарните групи ќе го подржат овој закон, какви се реакциите?

Текстот не е готов, за да го пуштам во оптег, но во разговорите, кога им ја кажувам основната идеа на пратениците, без разлика од која партија се, тие го подржуваат законот. Ние тука многу доцниме, а неопходно е донесувањето на таков закон.

Како од денешна перспектива го оценувате политичкиот развој на Македонија. И ако воопшто има некаков напредок кога тој ќе биде видлив за македонските граѓани?

Нам ни е битно да ги направиме реформите што побрзо и да добиеме покана за членство во НАТО. Кога тој прв услов ќе биде исполнет, таа безбеденосна страна ќе биде исполнета, односно нема да важиме за земја со безбедносен ризик и тоа е еден голем знак за странските инвеститори, бизисмени за да дојдат овде да работат. Тоа ќе биде прв знак и гаранции за да влезат заинтересирани странски инвестции во земјава, и да придонесат за економскиот развој. Ако ги оспособиме институциите ќе можеме успешно да ги користиме и претпристапните фондови за оспособување на земјата и остранување на некои диспропорции кои ја прават непогодна за членство во ЕУ на економски план, и верувам дека тоа ќе помогне за да станеме членка на ЕУ. Тоа се вистински персепективи за секого во оваа земја и затоа треба да се инсистира на тоа.
XS
SM
MD
LG