Достапни линкови

Нема спорови со Македонија и не очекуваме проблем околу демаркацијата


Билатералните односи меѓу Македонија и Косово, економската соработка, решавањето на косовскиот статус ова се теми на денешните средби на македонскиот премиер Никола Груевски со неговиот косовски колега Агим Чеку, со претседателот Фатмир Сејдиу и шефот на УНМИК Јоаким Рикер информираат од македонската влада. Оттаму велат дека билатералните односи се добри, а во однос на решавањето на косовскиот статус повторуваат дека Македонија останува на ставот дека ќе ја поддржи одлуката што ќе ја донесе Меѓународната Заедница. И од косовската влада велат дека односите меѓу Македонија и Косово се одлични. Секако дека има многу теми што ги поврзуваат овие две земји, но ниту една од нив не е спорна, вели за Радио Слободна Европа портпаролката на косовската влада, Улпијана Лама. Косово го поздравува ставот на Македонија за решавањето на статусот на покраината, но и оти не очекува никакви проблеми околу демаркацијата на границата, вели Лама.

„Лесно е како што изгледа. Во планот на Ахтисари има се што треба да се направи околу демаркацијата на границата и секое решение ќе биде во согласност со тој предлог. Не гледаме никаков проблем во тоа и се што треба ќе се реши во духот на пријателството и добрата соработка меѓу двете земји.“

„Позитивно е и треба да се поздрави ставот на Македонија за силна поддршка на планот на Ахтисари. Ние очекуваме резолуција која ќе биде во согласност со тој предлог.“


Како соседни земји особено е значајна нашата трговска соработка, вели Лама. Според неа, неодамнешните случувања кога нафтените цистерни на ОКТА една беа задржани на границата и не им беше дозволен влез на косовска територија, не значи дека економските односи се влошени, туку дека се работи за правила кои секој извозник мора да ги почитува.

Една од темите за кои двајцата премиери ќе разговараат е и прашањето за правата на малцинствата.

„Вие го имате Охридскиот рамковен договор, а ние предлогот на Ахтисари. Се работи за многу слична ситуација, која се однесува на признавањето и на почитувањето на малцинските права во двете земји. Токму затоа размената на искуства и во овој поглед ќе биде особено значајна,“

изјави Лама.
XS
SM
MD
LG