Достапни линкови

Целта е да ги пренесеме нашите знаење за следење на траги на илегалци, вели обучувачот Сајтпахудл


Слоун Сајтпахудл е една од трите припаднички на специјалната единица „Волци од сенка“ чија специјалност е спречување на илегалното минување на граница и сузбивањето на нелегалната трговија. Своите знаења и искуства во оваа област трите Индијанки од индијанскиот резерват Тохоно Идам во Аризона, деновиве ги пренесуваат на дваесеттина припадници на македонската гранична полиција. Иако физичките вежби се исцрпувачки и бараат многу енергија, Сајтпахудл вели дека е задоволна од соработката со македонските полицајци:

„Во последните неколку дена вршевме теренски вежби кои беа многу исцрпувачки, па на крајот на денот се враќавме изморени. Она што посебно ме радува е што тие веќе знаат доста работи и вештини што ние ги употребуваме, па нашата обука се сведува на обезбедување на дополнителни информации околу нештата што ним им се познати“

објаснува Сајтпахудл.
Целта на обуката е да ги научиме македонските полицајци како да читаат и следат траги на илегалци и шверцери кои ќе се обидат да влезат во земјава додава таа. За тоа колку македонската полиција има капацитет да се справи во борбата со нелегалната трговија, Сајтпахудл вели:

„Способни се, подготвени се да ја завршат својата работа и да ја извршат својата мисија. Мислам дека ако продолжат да посетуваат различни типови на обука, и ако успеат да набават опрема што ќе им помогне за исполнување на нивните секојдневни обврски, навистина ќе ја зачуваат безбедноста на вашите граници.“

вели Сајтпахудл и признава дека оваа работа не е воопшто лесна,бидејќи и шверцерите на луѓе и дрога наоѓаат начини да ги прикријат своите траги.
Членовите на „Волците од сенка“ имаат репутација на вешти трагачи кои употребуваат техники што Индијанците ги имаат развено за трагање по луѓе, како еден од начините за спроведување на законот за обезбедување на границите. Тие се обучени деноноќно и без разлика на временските услови и теренот да следат траги на луѓе или животни за кои постои сомневање дека се вклучени во некаква нелегална активност. Оваа единица е во состав на Бирото за имиграција и царина на Министерството за внатрешна безбедност на Соединетите Држави.
XS
SM
MD
LG