Достапни линкови

Демократите во Конгресот го критикуваа овој потег


Американскиот претседател Џорџ Буш синоќа стави вето врз законот со кој од него се бара уште годинава да го започне повлекувањето на американските борбени сили од Ирак. Ваквиот потег веднаш беше критикуван од демократите во Конгресот.

Претседателот Џорџ Буш неколку пати најавуваше дека ќе стави вето врз најновиот нацрт закон за финасирањето на војната во Ирак кој во минатата недела беше усвоен од Конгресот и со кој се предвидува повлекување на американските војници од таа земја. Во телевизиското обраќање до нацијата ваквата своја одлука тој вака ја образложи:

„Бесмислено е да му се каже на непријателот кога планирате да го започнете повлекувањето. Сите терористи би го запишале тоа во нивните календари и би ја собирале сета сила за тој момент со цел да ја урнат владата и да ја преземат контролата врз Ирак.“

Рече Буш, изразувајќи уверување дека поставувањето рокови за повлекување ќе го демолизира ирачкиот народ, ќе ги охраби, како што рече, убијците низ Блискиот Исток и ќе испрати сигнал дека Америка не си ги исполнува своите обврски. Претставничкиот дом и Сенатот во минатата недела ги усогласија, двата посебни закона кои ги имаа усвоено претходно, а со кои се бараше американско повлекување во различни рокови, во еден заеднички закон. Според нацрт законот, повлекувањето од Ирак би почнало оваа година, а би завршило до крајот на март идната. Со ветото на Буш на Законот во кој за финасирањето на војните во Ирак и во Авганистан, се предвидуваат сто дваесет и четири милијарди долари за оваа фискална година, всушност, тој ги отфрли обидите на демократите кои ја имаат контролата во Конгресот да го принудат да ја смени стратегијата во ирачкиот конфликт. Претседавачот на Претставничкиот дом Ненси Пелоси ја изрази разочараноста на нејзината Демократска партија за ваквиот потег на Буш:

„Се надевав дека претседателот ќе го испочитува овој двопартиски закон кој е поддржан и од мнозинство американци. И покрај тоа, претседателот стави вето и отворено лажно го прикажа значењето на законот.“

Изјави Пелоси, чии демократите во Конгресот, по се изгледа, немаат доволно гласови за да го надгласаат ветото на Буш кое патем кажано, е второ откако тој е американски претседател. Буш најави дека денеска ќе се сретне со некои конгресмени во обид да се најде излез од ќорсокакот.
XS
SM
MD
LG