Достапни линкови

Ја поддржуваме евроатлантската перспектива на сите земји од Западен Балкан


,,Ја поддржуваме евроатлантската перспектива на сите земји од Западен Балкан и ќе продолжиме да им помагаме на тој пат,, се наведува во документот што синоќа во Вашингтон беше усвоен на самитот меѓу Соединетите Држави и Европската Унија. Во документот во кој се оценува дека ова е пресуден момент за Западен Балкан се поддржува предлогот на Ахтисари за недгледувана независност на Косово и се бара од Советот за безбедност на Обединетите нации без одлагање да усвои резолуција за идниот статус на Косово. Во меѓувреме, во Приштина различни оценки за тоа како неодамнешната мисија на Советот за безбедност на Косово ќе влијае врз процесот за решавање на статусот.

Косовскиот премиер Агим Чеку вели дека Косово е подготвено да стане модерна држава и оти посетата на делегацијата на Советот за безбедност ќе го забрза решавањето на статусот. Потсетувајќи на изјавата на американскиот државен потсекретар Николас Бернс дека ниту еден обид за попречување на независноста на Косово нема да има успех, Чеку оценува дека мисијата на Светската организација била токму на таа линија:

„Таа беше значајна за преставниците на земјите членки, но и за нас. За нив дека го видоа Косово надвор од ѕидот на официјалните документи во кои се обидува реалноста да биде стеснета на статистика и интерпретации.“

Вели Чеку кој смета дека членките на Советот за безбедност се увериле оти Косово е земја која во изградбата на државната структура ги применува најнапредните западни стандарди.

„Оние што не сакаа да се убедат, односно на противниците на независноста сега ќе им биде потешко да најдат аргументи.“

За разлика од премиерот Агим Чеку, дел од политичките аналитичари на Косово мислат дека мисијата на Советот всушност претставува одолговлекување на решението:

„Верувам дека посетата во некоја рака е купување време, бидејќи тоа беше и целта на иницијативата. Да се одолговлече процесот, а со самото тоа и и да се одложи расправата во Советот за безбедност на Обединетите Нации.“

Вели аналитичарот Илир Дуголи, кој смета дека динамиката на процесот за статусот на Косово ќе зависи од решеноста на главните западни земји:

„Западните земји и дадоа уште еден аргумент на Руската Федерација со тоа што и исполнија уште едно нејзино барање. Сега нема многу причини да и се дава поголем простор и треба да се инсистира што поскоро на Советот за безбедност да му биде претставена нова резолуција.“

Дуголи смета дека би било многу опасно доколку пакетот на специјалниот пратеник Марти Ахтисари повторно биде отворен за нови преговори и евентуално за нови промени.
XS
SM
MD
LG