Достапни линкови

Нема политичка заднина, туку горивото не ги задоволува европските стандарди, велат од УНМИК


Шеесеттината цистерни со нафта на ОКТА се уште се заглавени на македонско-косовската граница. Од царинската управа на УНМИК на Косово велат дека зад ваквата одлука на властите нема политичка заднина и оти причината е тоа што горивото не ги задоволува европските стандарди за квалитет:

„Содржината на сулфурот во горивото во цистерните е под косовските стандарди, кои е се во согласност со новиот правилник што беше донесен на 19 ноември 2006 година, а почна да се имплементира пред две недели. Тоа значи дека увозниците нафта се свесни дека треба да увезуваат нафта во согласност со тие стандарди, бидејќи увозот на неквалитетно гориво е забрането.“

Изјави Анџела Грип, од царинската управа на УНМИК на Косово.
За македонските експерти по петрохемија квалитетот на горивото на ОКТА се соодветни на македонскиот правилник, кој од друга страна се приближува до европскиот:

„Нашиот правилник се приближува до оној на ЕУ, меѓутоа не е докрај затоа што е потребно време за да се дојде до најстрогите нивоа на барања, затоа што потребни се инвестиции итн. а и Европската Унија не дојде до овие норми наеднаш, таа 15 години ги воведуваше постепено.“

Вели експертот Борис Рикаловски и додава дека друг проблем претставува непостоењето на национална лабораторија за проверка за квалитетот на горивата во земјата. Во обид да се разреши новонастаната ситуација и од владата најавија дека ќе побараат одговор од косовска страна:

„Доколку станува збор за промена на еколошките стандарди на Косово, во врска со квалитетот на нафтата и на нафтените деривати кои што се увезуваат на косовска територија тогаш на нашите фирми им останува да се прилагодат на овие стандарди, доколку пак станува збор за нешто друго, тогаш ќе побараме дополнителни објаснувања од косовска страна.“

изјави портпаролот на Владата Ивица Боцевски.
Од царинската управа на УНМИК пак, тврдат оти ОКТА знаела за новите правила:

„Увозниците се запознаени со овој проблем, ОКТА е запознаена со проблемот.“

изјави Грип.
Од компанијата пак велат дека воопшто не биле информирани за ваквите измени и дека целата работа се случила преку ноќ, со цел да се овозможи влез на хрватската нафтена компанија ИНА на косовскиот пазар.
XS
SM
MD
LG