Достапни линкови

Одделни членки на Советот за безбедност на ОН загрижени за моделот за идниот статус на Косово


Одделни членки на Советот за безбедност на Обединетите Нации изразуваат загриженост дека моделот според кој ќе се решава идниот статус на Косово би можело да ги интензивира барањата за независност кај разните сепаратистички движења во светот. Постојат и спротивни мислења па се поставува прашањето: поради што Косово е единствен случај кој нема да предизвика домино ефект и во другите региони?

Неодамнешната сединица на Советот за безбедност на Обединетите покажа колку е тешко да се докажува дека случајот на Косово е единствен и оти нема да предизвика потенцијални реакции во светот. Тоа посебно ако се има предвид дека од секоја одлука на Советот може да се гради нова практика, вели координаторот на Форумот за етнички односи во Белград Душан Јањиќ:

„Нема механизам за кој, на пример, меѓународната заедница може да каже сега ова го решивме за Косово и никогаш повеќе. Никогаш не знаете кое движење ќе се повика на таквата одлука. Слушнав сериозни предупредувања и во Барселона и во мадрид каде што велат: го чекаме Косово како модел за Каталонија.“

Вели Јањиќ. Тимоти Вилијам Вотерс, професор по меѓународно право на Универзитетот во Индијана пак смета дека токму фактот што Вашингтон постојано тврди дека Косово нема да биде преседан, всушност страхува дека така и ќе испадне.

„Аргументацијата дека Косово нема да биде преседан Соединетите Држави ја засноваат врз фактот дека Косово од деведесет и деветата година било под директна супервизија на Обединетите Нации.“

Рускиот аналитичар Генадиј Сисоев смета дека авторите на тезата оти Косово е единствен случај ја базираат врз тврдењата дека таму било спроведено етничко чистење по што уследи интервенцијата на НАТО. Но, според него, така било и во Русија:

„Тоа може да се најде и во таканаречните непризнати држави Јужна Осетија и евентуално Абхазија. Значи од таа точка Косово и не е посебен случај како што се заговара. Властите во Осетија и Абхазија веќе ја чекаат одлуката за Косово.“

Вели Сисоев. Политичките аналитичари на Косово пак, оценуваат дека Косово не може да послужи како пример за решавање на другите замрзнати или актуелни проблеми во светот. Професор Енвер Хоџај тоа вака го објаснува:

„Пред се, потеклото на судирот на Косово е базирано врз фактот дека тоа било насилно окупирано од Србија во почетокот на минатиот век. Второ, Косово никогаш не било интегрален дел на Србија, туку на југословенската федерација во која имаше осум политички ентитети.“

Вели Хоџај, додавајќи дека српскиот режим со обидот да изврши етничко чистње го изгуби моралното и политичко право и натаму да управува со Косово. Сепак, според него, еден од најбитните елементи во создавањето на нови држави е прашањето кој е мнозинскиот народ, а во овој случај станува збор за косовските албанци.
XS
SM
MD
LG