Достапни линкови

Махмуд Ахмадинеџад изјави дека Иран може да произведе нуклеарно гориво на индустриско ниво


Соединетите Држави и Европската Унија ги обновија барањата до Иран да го запре процесот на збогатување ураниум. До ова дојде откако вчера иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад објави дека неговата земја може да произведе нуклеарно гориво на индустриско ниво.

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад на одбележувањето на националниот ден на нуклеарната енергија изјави дека нуклеарното гориво е добиено преку збогатување на ураниум и оти Иран има право на тоа:

„Со голема гордост објавувам дека од денеска нашата земја е меѓу оние кои произведуваат нуклеарно гориво на индустриско ниво. Барам од владите кои досега го немаат сторено тоа да ја прифатат таквата реалност и да ни го признаат правото да поседуваме нуклерна енергија.“

Изјави Ахмадинеџад додавајќи дека Иран нема да попушти пред притисоците од Советот за безбедност на Обединетите Нации, кој, според него, е искористен од големите сили како орудие за запирање на напредокот на Ирак.

„Врз основа на добро подготвен план и рокови, иранската влада е решена да произведе најмалку дваесет илјади мегавати нуклеарна енергија која ќе се користи во медицината, земјоделството, индустријата.“

Рече претседателот Ахмадинеџад на церемонијата на која беше објавено дека биле инсталирани три илјади центрифуги со што Иран влегол во фазата на масовно збогатување ураниум. Ваквата постапка, според западните земји е во целосна спротивност од барањата на Советот за безбедност на Обединетите нации. Портпаролот на американскиот Стејт департмент Шон Мекормак изјави дека последиците од тоа ќе ги почувствуваат иранските граѓани.

„Тие решија да не ги стопираат активностите поврзани со збогатувањето ураниум што ќе придонесе до губење на бизнис договорите и до намалување на трговијата и на странските инвестиции во Иран.“

И официјален Брисел побара од Техеран веднаш да го запре процесот на збогатување ураниум и повтори дека ќе ги спроведува санкциите на против Иран. Брисел и Вашингтон сметаат дека Иран развива нуклеарна програма за производство на атомска бомба. Имено збогатениот ураниум може да се користи и како гориво за нуклеарни реактори, но и за нуклеарни боеви глави.
XS
SM
MD
LG