Достапни линкови

Треба да се почека на конечниот исход од одлуката на ПДП велат во ВМРО ДПМНЕ и во ДУИ


Пратениците мора да ја почитуваат одлуката на партијата, вели лидерот на ПДП Абдулади Вејсели откако партиското претседателство викендов одлучи да ја напушти коалицијата со ДУИ, одлука со која не се согласуваат преостанатите двајца пратеници кои заедно со партискиот лидер Вејсели ја сочинуваат пратеничката група на ПДП во Собранието:

„Секој член на ПДП па и структурите, па и пратениците се обвразни да ја почитуваат одлуката што ја носи Централното Претседателство на партијата.“

Изјавува претседателот на ПДП Абдулади Вејсели кој вели дека одлуката за напуштање на коалицијата е поради тоа што не ја гледале својата иднина во рамки на партнерството со ДУИ. Тој додава дека откако ќе се средат внатрепартиските проблеми наскоро ќе биде одлучено и дали ќе се вратат во Парламентот:

„Во некоја од наредните седници на Централното Претседателство ќе се расправа околу враќањето во Собранието и за други работи.“

Излегувањето на ПДП од коалицијата со ДУИ може да влијае врз обезбедувањето на потребните гласови во Собранието според Бадентер. Во пресрет на уште една денешна рунда преговори со владеачката ВМРО ДПМНЕ во Демократската Унија за интеграција велат дека нивните преговарачки позиции не се заслабнати, бидејќи пратениците на ПДП не се единствени во одлуката за напуштање на заедничкото партнерство. Портпаролот на ДУИ Ермира Мехмети изјавува:

„Интересот на сите кои што работеа на раскинувањето на коалицијата беше да го намалaт бројот на пратеници и на тој начин да обезбедат бадентерово мнозинство на страната на владеачката коалиција, меѓутоа очигледно тоа не се случи бидејќи засега само г-динот Вејсели сега за сега си заминува.“

И членот на преговарачкиот тим од страната на ВМРО ДПМНЕ професорот Владо Поповски смета дека треба да се почека на заедничка одлука на ПДП за да се види идниот распоред на силите:

„Пратениците на ПДП не ја признавале таа одлука за излегување од коалицијата, така да треба да се почека и да се види.“

Смета Поповски. Во меѓувреме и натаму разногласие во ВМРО ДПМНЕ и ДУИ околу текот на заедничките преговори за продолжување на политичкиот дијалог:

„Најтешко одат преговорите кога станува збор за законите поврзани со локалната самоуправа.“

„Прикрај се преговорите и мислам дека се готови.“


Изјавуваат портпаролот на ДУИ Ермира Мехмети и учесникот на преговорачкиот тим на ВМРО ДПМНЕ професор Владо Поповски.
XS
SM
MD
LG