Достапни линкови

Постои извесна поддршка за предлогот за контролирана независност


,,Постои извесна поддршка меѓу членките на Советот за безбедност на Обединетите Нации за предлогот со кој се предвидува контролирана независност за Косово,,. Ова го изјави британскиот амбасадор Емир Џоунс Пери, актуелен претседавач на Советот, по завршувањето на затворената седница на која се расправаше за предлогот на специјалниот пратеник Марти Ахтисари за идниот косовски статус. Сепак, гласањето за овој предлог, според очекувања, нема да се случи набргу.

Советот за безбедност на Обединетите нации доцна синоќа ги заврши консултациите за Косово на кои присуствуваше и специјалниот пратеник за косовскиот статус Марти Ахтисари кој веднаш стави до знаење дека нема намера да внесува измени во неговиот план.

„Воопшто не се согласувам дека ова беше некорисна вежба, бидејќи од друга страна, ние не ќе можевме да ги направиме предлозите. Не мислам дека пролонгирањето на овие разговори ќе помогне во решавањето на статусот.“

Изјави Ахтисари. Британскиот амбасадор Емир Џоунс Пери оцени предлогот на Ахтисари е добар не само за Косово и за Србија, туку и за регионот.

„Она што е понудено е управуван процес кој би требало да води кон независност, но која ќе биде постигната на начин што ги задоволува аспирациите не само на Косово, туку и на Србија и на другите земји на Балканот кон евроатланстките структури и НАТО.“

Рече Пери кој, забележувајќи дека станува збор само за почеток на дебата, додаде оти продолжуваат разговорите и за рускиот предлог Советот за безбедност да упати мисија во Белград и Приштина. На прашањето кој ја составува нацрт резолуцијата за Косово, амбасадорот Пери изјави дека тоа се Контакт групата, Европската Унија и Соединетите Држави. Вршителот на должноста американски амбасадор во Њујорк Алехандро Волф обелодени дека постоела извесна поларизација меѓу членките на Советот за безбедност.

„Малку од нивната загриженост е поврзана со самата ситуација на Косово, туку со тоа како решението ќе се рефлектира врз ситуацијата на Балканот.“

Изјави Волф. За премиерот на Србија Воислав Коштуница пак кој заедно со шефот на УНМИК Јоаким Рикер говореше на на затворената седница на Советот, веќе се насетува дека планот на Ахтисари нема да мине во Советот за безбедност.

„Беше јасно дека работите нема да одат лесно. Јасно е дека многу земји и некои постојани членки на Советот за безбедност со месеци изразуваат противење за планот на Ахтисари. Видовме на состанокот во Бремен дека и неколку земји на Европската Унија не се задоволни од тој план. Сето ова ме прави оптимист.“

Изјави српскиот премиер Коштуница, кој побара продолжување на преговорите меѓу Белград и Приштина, но со нов посредник, а со цел да се дојде до висока автономија за Косово и до зачувување на територијалниот интегритет на Србија. ,,Имавме петнаесет месечни разговори и ги исцрпевме сите можности за договорно решение. Токму тоа е целосно неприфатливо за претседателот на Косово Фатмир Сејдиу кој во Њујорк имаше неформална средба со амбасадорите на членките на Советот за безбедност.
XS
SM
MD
LG