Достапни линкови

Лазар Еленовски, министер за одбрана. Проширувањето на НАТО оди во група, очекувам покана за членство


Господине Еленовски американскиот потсекретар Николас Барнс деновиве изјави дека Македонија и Албанија, за разлика од Хрватска, ќе треба да ја заслужат поддршката за членство во НАТО? Што значи тоа, го губиме ли чекорот?

Не мислам дека го губиме чекорот. Проширувањата на НАТО до сега се случувале во група и мислам дека тоа така и ќе продолжи. Ние сите овие години имавме интензивна регионална соработка, докажавме дека како три држави заедно многу добро работиме. Остануваат домашните реформи, за кои мислам дека Хрватска се издвојува, со нивото на економски развој, реформата на судскиот систем, едноставно демократијата којашто е заживеана таму. Во принцип, не мислам дека го губиме чекорот, тука има работи кои треба да ги потврдиме. Во делот на одбранбените реформи во некои сегменти сме пред Хрватска. Но, како општества ние мора да покажеме и докажеме зрелост. Во поглед на демократската клима којашто владее во државата. Ние го имаме овој таканаречен предизвик на политички дијалог, којшто ќе треба да го затвориме, во секој случај е докажано дека сме функционална демократија и ќе мора да покажеме дека парламентот функционира, како и останатите институции, дека релациите со претседателот се вообичаени и сето тоа треба да го даде пакетот дека ние сме зрело општество.

Вие бевте учесник во делот на преговорите за политичкиот дијалог. Ќе се приближат ли ставовите во интерес на нашите евро атлантски инреграции?

Постои подготвеност за договор, постои добра волја, тоа е најбитно и постои заедничка цел. Во таа насока мислам дека е прашање само кога ќе биде одредена линијата на компромисот, меѓу владата и ДУИ како најголема опозициона партија на Албанците во моментов надвор од парлементот.

Може ли проблемот со името да ги загрози нашите евро атлантски интеграции?

Па, не не мислам дека тоа може да не загрози. Сосема спротивно од Грција до сега имаме поддршка во сите чекори кон НАТО и ЕУ, и таа поддршка ќе остане како сосед и земја одговорна за регионалната стабилност. Прашањето со името е наш билатерален проблем и предизвик и ние треба да продолжиме да ги разрешуваме разликите. Од друга страна, повеќе од 115 држави во светот ја признаа Република Македонија под уставното име и треба да го затвориме тоа прашање со Република Грција.

Очекувате ли изненадувања во врска со поканата за членство во НАТО во 2008 година?

Изненадувањата секогаш се можни. Но, зборуваме за сериозни реформи и сериозна организација како НАТО и од тој поглед не случајно тие потенцираат дека и процесот на доближивање во НАТО е процес кој е зависен на демократските капацитети на државата. По ова прашање стоиме добро и се надевам дека прашањето со политичкиот дијалог ќе се разреши и не гледам покрупно прашање што би ја загрозило државата.
XS
SM
MD
LG