Достапни линкови

Сенатот одобри закон за завршување на американската војна во Ирак


Американскиот Сенат го одобри законот со кој се бара завршување на американската војна во Ирак. Попрецизно, американските војници ќе треба да почнат да се повелкуваат од Ирак сто дваесет дена откако овој закон ќе ја мине финалната фаза. Крајниот датум за нивно напуштање на таа земја е дваесет и први март идната година.

Гласањето во Сенатот го означи најголемиот предизвик за претседателот Џорџ Буш досега во врска со војната во Ирак во која во изминативе над четири години загинаа повеќе од три илјади и двесте американски војници и стотина илјади ирачани. Но, законот кој доби пеесет и еден глас за, и четириесет и седум против во Сенатот контролиран од демократите се соочува со нејасна иднина. Претседателот Буш веќе најави дека ќе стави вето. Тоа го повтори и пред самото гласање во сенатот:

„Во вчерашниот говор ставив јасно до знаење дека ќе ставам вето на закон со кој се ограничуваат нашите команданти на теренеот во Ирак, на закон кој не ги финансира нашите војници.“

Со законот се предвидува и пренасочување на милиони долари за повеќе домашни програми кои не се поврзани со американските воени напори. Станува збор за околу сто дваесет и две милијарди долари. Пентагон во почетокот на оваа недела предупреди дека кон средината на април ќе остане без средства доколку не бидат одобрени нивните финансиски планови. Претседателот Буш вели дека Конгресот не би требало да и ги врзува рацете на војската, бидејќи тоа директно ќе го почувствуваат оние што се директно вклучени во борбите во Ирак. Во дебатата за законот во Сенатот републиканецот Џон Меклејн кој инаку е кандидат за иден американски претседател рече дека на армијата треба да и биде дозволено да ја спроведе нејзината нова стратегија во Ирак за да се види дали таа ќе функционира. Во новата стратегија е во тек се бара испараќање на илјадници дополнителни американски војници кои би помагале во спречувањето на насилствата во Багдад.

„Ова тело едногласно го потврди генерал Питреус за нов американски командант во Ирак. Зошто ние сега да му ја одземеме можноста да ја спроведе стратегијата за која верува дека ќе успее. Зошто да им ја препуштиме победата на неприајтелите. Ајде да им дадеме се што им треба за да успеат во Ирак.“

Но, демократите во Сенатот на кои им се придружија и неколкумина републиканци беа против ваквите ставови на истомислениците на Мекејн. Еден од нив е и неговиот сопартиец Чак Хегел кој изјави:

„Америка се најде во опасна и изолирана позиција во светот. На нас се гледа како на земја која е во војна со муслиманите. Ваквата ризична перцепција мора да биде сменета во време кога светот бара нов центар на гравитација за новиот век. Соединетите Држави мора да почнат да се повлекуваат од Ирак.“

Во минатата недела во Претставничкиот дом помина законот со кој се предвидува конечниот рок за повлекување на американските војници да биде септември две илјади осмата година.
XS
SM
MD
LG