Достапни линкови

Владата работи на подобрување на мислењето на хрватите за членството во НАТО


Хрватска во идната пролет, според најавите кои пристигнуваат од хрватскиот државен врв, би требало да ја добие поканата за полноправно членство во НАТО. Во меѓувреме, владата работи на подобрување на мислењето на хрватите во однос на тоа членство. Во најновото истражување се наведува дека тоа сега го поддржуваат четириесет и три насто од граѓаните, што е за четири проценти, повеќе од резултатите пред три месеци. Дали НАТО е добар за Хрватска или има и подобри решенија?

Од регионална стабилност, преку подобра безбедност, па се до штедење пари. Тоа се аргументите на хрватските власти на кои влегувањето во НАТО им е еден од приоритетите. За да се одбрани без да биде членка на НАТО, на Хрватска ќе и требаат двесте и пеесет илјади војници, а регионот и натаму е нестабилен, вели главниот секретар на владејачката ХДЗ Иван Јарњак:

„Во Белград можат да дојдат на власт радикалите. Тоа е реална можност и во овој момент кога се уште не успеваат да состават влада по изборите. А нивната програма е границата да биде Вировитица, Госпиќ. Имаме ли право да чекаме тоа и да ни се случи?“

Јарњак додава дека членството во НАТО за кое се проценува дека ќе биде потребно да се издвојуваат околу два насто од бруто општествениот производ е поевтино од некои други решенија. Од невладиниот сектор пак, сметаат дека властите сервираат неприфатлива теза оти сигурноста единствено може да биде постигната со вклучување во некоја воена машинерија:

„Ние веруваме дека сигурноста на граѓаните е нешто друго. На пример националната сигурност на Хрватска моментално најмногу е загрозена од корупцијата во земјата. Во овој момент е подобро да се занимаваме со корупцијата отколку со НАТО. И големиот број невработени е закана за националната безбедност.“

Оценува Гордана Босанац од невладината организација Центар за мировни студии во Загреб. Таа и на став дека сигурноста се гради преку регионалната соработка и подобрување на економските и политичките односи со соседите. Дел од хрватската јавнсот смета дека со членството во НАТО ќе биде зголемен бројот на хрватските војници во мисиите во светот, а со тоа и бројот на загинатите. Меѓутоа, бројот на доброволците во хрватската војска толку порасна што владата мораше да ја намали паузата меѓу две заминувања во мировните мисии од две на една година. Актуелните дискусии за тоа дали е потребен референдум или не за влегувањето на Хрватска во НАТО, некои аналитичари ги сместуваат во предизборните, а не во принципиелните теми. Не е потребен никаков референдум, бидејќи нема алтернатива за НАТО, вели политичкиот аналитичар Давид Ѓенеро:

„Мислам дека не се потребни никакви референдуми, дека не е потребен никаков голем внатрешнополитички дијалог за тоа прашање. Таков дијалог ќе беше потребен кога би постоело рационална и реална алтернатива на членството во НАТО.“

Вели Ѓенаро. Според него, ниту едностраното прогласување неутралност не е замена за влегување во НАТО, бидејќи тоа не само што би било прескапо, туку на таков начин во Хрватска не би се применувала стандардизираната демократска контрола на безебденосните органи каква што постои во НАТО.
XS
SM
MD
LG