Достапни линкови

Шанса за македонската економија


Во Македонија сеуште не се размислува за воведување на алтернативните горива како замена за нафтата за возилата. Биогоривата, односно биодизелот, биоетанолот, како и биогасот се горива што се добиваат од растително потекло и според експертите ефектите освен од еколошка, би биле и од економска природа за земјава, развој на земјоделието, како и намалување на зависноста за увоз на нафтени деривати за возилата. Во земјите од Европската Унија употребата на еколошките горива, пред се на биодизелот изнесува 3 отсто, со обврска до 2010 година да достигне до 5,75 проценти. Освен даночните олеснувања во овие земји се вршат и стимулации за земјоделците кои произведуваат маслодајна репка од која се произведува биодизелот. Кај нас законската процедура во надлежност на Министерството за економија за употреба на ова гориво на македонскиот пазар сеуште се подготвува, а во земјава има 1,25 милиони хектари необработливо земјиште кое што може да се искористи за одгледување на маслодајна репка:

„Би било убаво, владата да направи еден инкубатор, 1,000 хектари земја што не се обработува, да се стимулираат земјоделци да произведуваат маслодајна репка. Тоа би отворило нови работни места, да се влезе во производството,“

Истакнува професор Константин Димитров од Електротехничкот факултет. Земојделците посочуваат дека би биле заинтересирани за производството на маслодајна репка, но велат по примерот на Европската Унија доколку за тоа добијат одредени субвенции. Вељо Тантаров претседател на Здружението на земјоделци вели:

„Можно е да се врати оваа култура на полињата, но подуслов да се изврши темелна корекција на откупната цена. Затоа што, со десет денари откупна цена на маслодајната репка, земјоделците не можат да ја платат ниту жетвата.“

Во Министерството за земјоделство пак во очекување на законската регулатива сеуште се само на ниво на размислување за развивање на оваа земјоделска култура

„Министерството за земјоделство планира во новата програма за поттикнување на земјоделството и финансиски да ги поддржи овие производители,“

изјавува Соња Трајкова портпарол на Министерството за земјоделство.

Првите чекори во производство на биодизелот кај нас ги започнаа Макпетрол, чиј проект за изградба на рафинерија е во завршна фаза, како и фабриката Брилијант која исто така најавува изградба на ваква рафинерија.
XS
SM
MD
LG