Достапни линкови

Експертите со став дека несогласувањата се сведени на личности, а не на квалитет на кадрите


Одговарајќи му на премиерот Груевски, кој по вчерашната средба изјави дека пристапот на претседателот бил со двоен морал и уценувачки Црвенковски денеска повторно го одбрани својот предлог двете страни да се откажат од политичките и партиските решенија за амбасадорите и тие да бидат пополнети од професионалните дипломати од редовите на министерството за надворешни работи. Според него со тоа ќе се најде излез од како што рече, ќорсокакот во кој се наоѓаат, би се дало заеднички придонес во департизација и деполитизацијата на дипломатијата и би пристапиле кон имлпементирање на законот за надворешни работи:

„Тука не гледам ниту двоен морал, ниту лицемерие како што кажа премиерот Груевски синоќа. Мислам дека многу поголемо лицемерие е тоа што тој своите партиски пазари со коалициските партнери се обидува да ги прикаже како принципиелни и квалитетни решенија, а професионалните дипломати да ги дисквалификува.“

Груевски пак уште пред средбата ги отфрли предлозите на Црвенковски во седиштето на НАТО да заминат Бучковски или Пендаровски. Професорот од Правниот факултет Светомир Шакариќ пак со став дека несогласувањата меѓу двајцата се сведоа на небитни прашања од типот кои кадри ќе се пратат, а не каков е нивниот квалитет:

„Тоа е доказ дека тие се повеќе преокупирани со личностите, отколку со видот на политиките зад кои што стојат тие. Доколку водат малку сметка за интересите на Македонија, за она што земјата како целина треба да го остварува, тогаш полесно би нашле одредено решение.“

вели Шкариќ и посочува дека за да се дојде до решение неопходен е компромис:

„Се судруваат два фактора со различни погледи и интереси и оттука е проблемот, меѓутоа во Уставот тоа прашање е во заеднички делокруг, мораат овие два органа да постигнат согласност, односно мора да одат на компромисно решение и едниот и другиот фактор мора да попуштат доколку имаат одредена свест за заедничките потреби на Македонија.“

Со сличен став и магистерот по политички науки Здравко Савевски. Несогласувањата според него се должат на политички интереси и израмнување на стари сметки:

„За жал тоа е политиката, за жал се инсистира не толку на квалитетот на кадрите колку што сопствениот кадар да се испрати. Треба да се смири топката и да се гледа да се испраќаат поквалитетни кадри.“
XS
SM
MD
LG