Достапни линкови

Експертите велат дека потешкотии ќе има бидејќи криминалните структури брзо се реорганизираат


Од случајот со откривањето на половина тон кокаин на граничниот премин Блаце, Министерствто за внатрешни работи објави уште неколку други поголеми заплени. Неделава пак беа откриени и околу десет килограми хероин на паркинг во скопската населба Лептокарија. Портпаролот Иво Котевски вели дека ова се должи на засилените контроли кои ги спроведуваат:

„МВР и натаму планира засилено да го контролира нелегалниот пазар со наркотици во земјава, како и транспортот со наркотици низ Македонија, така што и во иднина ќе бидат континуирано спроведувани организирани акции за сузбивање на нелегалната трговија со дрога.“

Професорот по кривично право и разузнавање на Европскиот Универзитет Стефан Буџаковски вели дека иако ваквите акции му задаваат удар на криминалното подземје кое се занивама со трговија на дрога, сепак кримниналците брзо се прилагодуваат на новонастанатата сотојба и ги менуваат начините и патиштата за транспорт:

„Овој интензитет како држава незнам дали ќе можеме да го продолжиме, бидејќи таквиот начин на откривање на нелегалните дела е поврзан со голема сума на пари и големи трошоци. Најверојатно ќе изнајдат нови средства и методи, за тоа најдобро говори што во Србија се говори дека тоа е „мека“ за оддложување на дрогата и се чека погоден момент за да се дислоцира во земјите од ЕУ.,,

вели Буџакоски и додава дека Македонија како земја е дел од Балканскиот пат на дрогата:

„Дефинитивно можеме да кажеме дека поврзаноста со Балканскиот пат е со хероин, а ова со кокаинот е исто така актуелно, но во последно време е поинтензивирано, инаку „број еден“ е хероинот.“

Иако во случајот со Станислава Полетан-Чочоровска која е осомничена дека го нарачала кокаинот и се наоѓа во Србија и по речиси два месеци од запленета сеуште нема никакви поместувања портпарлот на МВР Иво Котевски вели дека имаат добра соработка со другите балкански служби:

„Сеуште очекуваме да ни бидат доставени одговори за сомневањата кои што ги имаме за инволвираност на други лица, а се надеваме и дека што е можно побрзо ќе завршат правните процедури за екстрадиција на Чочоровска.“

Во меѓувреме впечаток е дека дрогата само се запленува, а нарачетелите и организаторите не се пронаѓаат. Котевски вели дека во период на последниве 4 месеци кога се запланети и 770 килограми дрога, поднесени се кривични пријави против 122 лица:

„Колку се „крупни“ овие лица во „синџирот“ со нелегална трговија тоа останува да го оцени Судот. МВР ги процесуира случаите и поднесува кривични пријави.“
XS
SM
MD
LG