Достапни линкови

Претседателот Фатмир Сејдиу побара утрешните протести да бидат мирни


Во Виена денеска завршува првата рунда од, како што е најавено, финалните преговори меѓу Белград и Приштина за идниот статус на Косово. Се расправа за таканаречените преодни аранжмани, односно за примената на планот на специјалниот пратеник Марти Ахтисари. Во меѓувреме, косовскиот претседател Фатмир Сејдиу побара најавените утрешни протести во Приштина да не бидат насилни, бидејќи со тоа се загрозува независноста на Косово.

Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу во синоќешното телевизиско обраќање оцени дека оние што поттикнуваат или вршат насилство во политички цели работат против независноста на Косово. Тој уште еднаш повтори дека пакетот за решение на статусот што го предложи специјалниот пратеник на Обединетите Нации Марти Ахтисари неповратно го води Косово кон независност, со што ќе го добие своето место на меѓународната сцена. ,,Евентуалното повторување на насилствата сериозно ја доведува под прашалник независноста. Тоа треба да им биде јасно на сите граѓани на Косово кои ги повикувам да бидат далеку од таквите злонамерни случувања,, изјави Сејдиу. На ист став е и косовскиот премиер Агим Чеку:

„Косовската независност е затворено поглавие. Нема промени на границите во целост и никогаш нема да ги има. Албанците треба да бидат интегрирани и да ги бараат нивните права преку демократскиот систем и институциите на државата каде што живеат.“

Инаку, повод за обраќањето на Сејдиу е најавениот утрешен протест во Приштина на движењето Самоопределување кое е против планот на Ахтисари, но и против лидерите на косовските албанци кои прифатија да преговораат со Србите околу идниот статус на Косово. Ова движење организираше протести и на десетти февруари, откако Ахтисари го претстави својот план. Протестите беа насилни при што две лица загинаа, а лидерот на Самоопределување беше уапсен. Ахтисари најави дека втората рунда од финалните преговори меѓу Белград и Приштина ќе се одржат на десетти овој месец кога уште еднаш ќе биде разгледан целиот негов план. Веднаш потоа тој ќе го финализира предлогот и ќе му го испарти на генералниот секретар на Обединетите Нации кој ќе го проследи до Советот за безбедност. Според очекувањата, токму Советот треба да ја донесе конечната одлука за иднината на Косово и таа одлука, најверојатно ќе биде позната во април за време на британското претседавање со ова тело на Обединетите Нации, или во мај кога председавач ќе бидат Соединетите Држави. Русија веќе се закани дека ќе го искористи правото на вето доколку решението на статусот на Косово не биде прифатено од двете страни.
XS
SM
MD
LG