Достапни линкови

Некои барања се неприфатливи, а дел од нив може да се променат, вели професор Владо Поповски


Во очекување на одговорот од премиерот Никола Груевски на писмото со неколку барања за продолжување на дијалогот што до него ги достави лидерот на ДУИ Али Ахмети, во оваа партија истакнуваат дека каков и да биде одговорот, на нивните барања не треба да се гледа дека се тие ултимативни. Оттаму како што потенцира потпретседателот на оваа партија Рафиз Алити се залагаат за продолжување на политичкиот дијалог, бидејќи вели тој „само разговор носи решенија“:

„Ние мислиме дека прво треба да се седне и да се разговара, ние нашата агенда ја доставивме, секако дека и г-динот Груевски има своја агенда на маса за која треба да се разговара, да се најде заеднички јазик.“

Вели Алити кој потенцира дека сепак не отстапуваат од барањато за присуство на средбата и на претставници на меѓународната заедница:

„Странските набљудувачки ќе го олеснат тој дијалог за од него да има некои резултати.“

Демократската Унија за интеграција достави листа од неколку барања до премиерот, меѓу кои промена на Уставот во делот во кој опозиционата ДУИ бара македонската Влада да се бира со „Бадентер“, закон за загинатите припадници на ОНА, поширока употреба на албанскиот јазик и расформирање на Комитетот за односи меѓу заедниците. Членот на групата на ВМРО ДПМНЕ за продолжување на политичкиот дијалог и еден од креаторите на Охридскиот договор, професорот Владо Поповски смета дека е неприфатливо барањето на ДУИ за избор на Влада според Бадентер:

„Тоа е една креација која фактички е насочена кон развој на федеративен функционален систем каде што малцинството се изедначува по својата тежина на гласот со мнозинството.“

Но, Поповски истакнува дека за останатите барања на ДУИ треба да се направат отстапки:

„Некои прашања се прифатливи, на пример прашањето да се направи една широка листа на закони кои треба да се носат со Бадентер.“

Ваков предлог за изготување на список на закони кои ќе се носат со Бадентрово мнозинство за надминување на проблемот, достави и евроамбасадорот во земјава Ерван Фуере.
XS
SM
MD
LG