Достапни линкови

Експертите сметаат дека тоа не е легитимно и дека активноста на ова движење е нејасна


Најавата на приштинското „Самоопределување“ да отвори свои канцеларии во Скопје и во Тетово денеска не можеше да ги потврди Фазли Велиу кој отворено ја изразува поддршката кон ова движење. „Лично јас и ветераните од ОНА сме на нивна страна“ потврди за Радио Слободна Европа Фазли Велиу оправдувајќи го нивниот револт против планот на Ахтисари кој како што рече се повеќе им дава права на сите етнички заедници кои живеат на Косово, а се повеќе се оддалечува од дефиниран и независен статус на Косово кој според него би бил најдобриот гарант за стабилноста на Балканот. Велиу вели дека ова движење има широка поддршка кај студентите, интелектуалците и младите албанци во Македонија, но смета дека приштинските протести нема да се прошират и во Македонија поради тоа што на Косово се сите фактори и таму се одвиваат настаните, а ние овде имаме свои проблеми со Владата, рече Велиу. Движењето „Самоопределување“ нема конкретна програма и не е јасно кои се нивните ставови, па според тоа крајно е непотребна нивната активност во моментов, смета политичкиот аналитичар Назми Малиќи:

„Сите проценки кои што го потценуваат предлогот на Ахтисари се во погрешна насока и се надвор од контекстот за разбирањето на дијалогот, компромисот и градење на стабилност на Балканот. Сите го сметаат Косово за независно, и албанците, нема кој не го смета, но тие треба да го гледаат тоа во процес.“

Очигледно е дека намерите на ова здружение да отвара канцеларии во Македонија се политички, коментира професорот Владо Поповски:

„Мислам дека не е воопшто легитимно и би било и нелегално затоа што во Република Македонија неможе да дејствуваат политички здруженија или ограноците на политички партии од други земји. Во секој случај прво го доведува под прашање авторитетот на државаните инситуции.“

Иако не сака да имплицира што би предизвикало отварањето на вакви канцеларии во Македонија, Поповски вели дека е очигледна идејата ова движење да собере приврзаници. Иако неупатен во идејата за отварањето на каанцелариите во Скопје и во Тетово Фазли Велиу нивното евентуално отворање го доведе во врска со текот на преговорите во Виена.
XS
SM
MD
LG