Достапни линкови

Планот на Ахтисари се очекува кон крајот на март да му биде предаден на Советот за безбедност


Во Виена денеска започна новата, последна рунда преговори меѓу Белград и Приштина за предлогот на специјалниот пратеник на Обединетите Нации Марти Ахтисари за статусот на Кoсово. Предвидено е преговорите да траат до втори март, со можност за уште една средба неколку дена потоа, на конечна ревизија на предлогот на Ахтисари кој веќе оцени дека е сосема е невозможно двете страни да постигнат компромис за косовскиот статус.

Планот на Марти Ахтисари се очекува кон крајот на март да му биде предаден на Советот за безбедност на Обединетите Нации кој треба да прифати или да го отфрли. Србите се надеваат на ова второто со оглед на сигналите од Москва за руско вето на планот со кој се предвидува, како што се оценува, раѓање на нова држава во Европа. Косоварите пак, се надеваат дека токму поддршката на Обединетите нации на планот на Ахтисари ќе му донесе просперитет на најсиромашниот регион во Европа, пишува весникот Гардијан, кој продолжува: Косово и Монако немаат скоро ништо заедничко. Но, секој пат кога ќе сакате да телефонирате на мобилен за Косово треба да го употребите меѓународниот префикс за милионерското игралиште на Ривиерата. ,,Ни направија услуга, ни го позајмија нивниот префикс,, вели министерот за екологија и просторно планирање Ардиан Џини, кој сепак прецизира дека морале скапо да платат за тоа. Десетици милиони евра годишно одат од најсиромашниот европски регион до богатиот принципат само затоа што Косово сака да има одделен телефонски код од Србија. Но, ова, како што наведува Гардиан, е само еден од проблемите од тоа да се нема сопствена држава. Постојат многу други, како немањето свои пасоши, знаме, устав, централна банка, валута, меѓународна призната граница, химна. Никогаш досега немало држава наречена Косово, додава весникот, додавајќи дека во пост колонијалната ера немало ниту држава која била креирана на сличен начин: со меѓународно наметнување и против волјата на Србија. Преговорите во Виена со посредство на финецот Ахтисари продолжуваат и покрај растечките тензии околу предвиденото негово решение за статусот. Тензии кои лесно можат да излезат од контрола. Ахтисари, како што се наведува во написот на Гардиан, повеќе од една година го создавал документот за независно Косово. Резултатот е ремек дело за постепено градење државност, а без притоа да се декларира независност или сувернитет. Декларацијата за независност ќе дојде од Косово доколку и кога планот на Ахтисари ќе биде благословен од Советот за безбедност, се наведува во текстот на Гардијан во кој се додава дека силите на НАТО и агенциите на Обединетите нации веќе се подготвувале за егзодус. ,,Србите се уплашени. Тоа можеби е ирационално, но тие страхуваат од мнозинското население,, цитира весникот еден висок западен претставник. Од друга страна, албанските екстремисти се противат на, како што велат, концесиите за србите во планот на Ахтисари, односно на предвидените десет српски општини на Косово и нивното право на вето за скоро сите закони, пишува Гардијан.
XS
SM
MD
LG