Достапни линкови

Опозицијата изразува сомнеж дека отворените прашања можат да се решат преку работни групи


По претходни повеќе месечни в заемни преписки, понуди и одбивања, опозиционата СДСМ денеска реши да го прифати последниот предлог на премиерот Никола Груевски за понатамошно одвивање на политичкиот дијалог на ниво на работни групи. Во Социјалдемократскиот сојуз се сомневаат дека отворените прашања можат да се решат на техничко ниво, но сепак решиле позитивно да одговорат на поканата. Игор Ивановски потретседател на оваа партија истакна:

„Никола Груевски под притисокот на меѓународната заедница ретерира во своите ставови. И по вчерашното писмо кое што е полно со навреди кон СДСМ, ние имаме доволно аргументи за да не го прифатиме дијалогот, дополнително сметаме дека одлуките за ваквите крупни работи треба да се носат на лидерско ниво, меѓутоа имајќи ја во предвид многу тешката и негативна ситуација во која се наоѓа Македонија во моментов, оттаму ние ќе делегираме свои претставници во работните групи на кои што се надеваме дека навистина сериозно ќе се разговара.“

Премиерот Груевски во последното, вчера упатено писмо до опозиционата СДСМ, понуди дискусијата во рамките на работните групи да се одвива во две фази во кои би се отвориле четирите теми за кои во изминативе месеци власта и опозицијата излегоа со различни размислувања. Во првата фаза тој предлага да се разговара за Уставните измени за задолжителното средно образвоание и измените во Изборниот законик, а во втората фаза за собранискиот деловник и функционирањето на Комитетот за односи помеѓу заедниците. Во владеачката ВМРО ДПМНЕ изјавуваат дека изминативе месеци непотребно се проблематизирало прашањето околу дијалогот бидејќи според нив, тој во Парламентот постојано е присутен:

„Доказ за тоа дека дијалогот има и резултат и дека вродува плод е и самиот факт што за само седум закони имаме усвоено 39 амандмани на опозицијата.“

Истакнува Силвана Бонева од ВМРО ДПМНЕ. Изминативе месеци отсуството на дијалог меѓу власта и опозицијата експертите го толкуваат како проблем на преголемо наметнување на личниот став и обид за лична афирмација, својствени на минатото. Професорот по политички систем Тања Каракамишева од Правниот факултет изјавува:

„Треба да се надмине тој личен афирмативен или негативен став кон другиот и едноставно да се има европски стил на владеење.“

смета Каракамишева.
XS
SM
MD
LG