Достапни линкови

Најмногу гласови за радикалите


Најмногу гласови за радикалите, покажуваат првичните резултатите од вчерашните парламентарни избори во Србија на кои излегле над шеесет и два насто од гласачите. По Српската радикална партија која има околу дваесет и осум проценти од гласовите се Демократската партија на претседателот Борис Тадиќ со дваесет и три насто и Демократската партија на Србија на премиерот Воислав Коштуница со седумнаесетина проценти. Изборниот праг од над пет насто за влегување во парламентот го минаа и Г седумнаесет Плус, колицијата предводена од Либерално демократската партија и Социјалистичката партија на Србија.

Изборите, според оценката на посматрачите, минале во коректна атмосфера, како во Србија, така и во српските општини на Косово, каде што се гласаше со обезбедување на КФОР. Сепак, биле забележани некои неправилности, пред се гласање без лични карти и без соодветна идентификација на избирачите

„Тоа се неправилности кои, за жал, веќе се дел од нашата некаква изборна традиција. “

Вели Марко Благојевиќ од невладината организација ЦЕСИД која ги надгледуваше изборите. Претседателот на Демократската партија Борис Тадиќ изјави дека по изборите претстои период во кој сите партии од демократскиот блок треба да покажат повеќе одговорност.

„Многу е важно што поскоро да биде формирана влада. Тоа е едно важно прашање со кое се соочуваме и кое треба што поскоро да го решиме со цел на најдобар начин да го искористиме германското претседавање со Унијата, односно да имаме легитимни институции кои би ги продолжиле преговорите за Косово. “

Тадиќ смета дека неговата партија не може сама да формира влада. Претседателот на Демократската партија на Србија Воислав Коштуница оцени дека вчершаните избори биле државотворни.

„Потребно е Србија во секаков поглед да продолжи да оди по стабилниот и сигурен пат по кој одеше и досега бидејќи тој е најбрз пат за подобар живот во земјата. “

Томислав Николиќ, заменик претседателот на Српската радикална партија на Воислав Шешељ, очекува од новата влада целосно да се посвети на зачувување на Косово во составот на Србија, но и на врските со целиот свет.

„Ќе соработуваме со развиениот Запад, но нашата соработка секогаш ќе смета на тоа како најдобро може да ни помогне Русија. Стратегиски партнер на Србија е Русија, но ќе соработуваме и со Запад.“

Вели радикалот Николиќ, додавајќи дека не само тој, туку ниту еден друг граѓанин на Србија никогаш нема да прифати независно Косово. Токму ова прашање, според аналитичарите, го отежнува создавањето на новата српска влада. Имено, како што се додава, преговорите за коалицирање ќе бидат тешки, бидејќи ниту една партија не сака да биде на власт кога се отвора можноста Косово да добие независност. Впрочем во наредниве денови се очекува специјалниот пратеник на Обединетите Нации Марти Ахтисари да го обелодени неговиот план во кој би препорачал ограничена независност за Косово.
XS
SM
MD
LG