Достапни линкови

Се вжештува изборната атмосфера


Јавната благодарност до српскиот премиер Воислав Коштуница што пред сто илјади луѓе ја упати вдовицата на Жељко Ражњатовиќ Аркан, естрадната ѕвезда Цеца седум дена пред изборите, стана централна тема на меѓупартиските расправии во Србија. Тоа се случи на пречекот на Старата Нова Година во Белград каде што рок пејачот Бора Ѓорѓевиќ ја одрецитира својата нова песна во која лидерот на либералите Чедомир Јовановиќ го опишува како наркоман.

Светлана Ражњатовиќ Цеца од бината поставена пред Собранието на Србија и се обрати на публиката во чии први редови беа српскиот премиер Воислав Коштуница и премиерот на Република Српска Милорад Додик.

„Би сакала да ви кажам дека ми припадна исклучителна чест од мое и од ваше име да му се заблагодарам на човекот кој ги обедини сите наши партии, ја обедини цела Србија. Нашиот сакан премиер доктор Воислав Коштуница.“

Веднаш по најавата на овој концерт, владејачките партии претрпеа критики со оценките дека на овој начин се рехабилитира жената која не само што е вдовица на човекот кој се обвинува за најтешки воени злосторства, туку која во текот на полициската акција за апсење на убиците на Зоран Џинџиќ и самата беше во притвор. Тогаш таа самата призна дека се согласила да им даде алиби на некои учесници во убиството на српскиот премиер. Членот на Либерално демократската партија Ненад Прокиќ вака реагира на концертот во Белград:

„Тој настан треба да биде решавачки за неопределените избирачи. Тие мора да видат дали сакаат да живеат во Србија во која премиерот ќе го бутне носот меѓу бедрата на пејачката која ги штитеше убиците на Зоран Џинџиќ.“

Уште еден пријател на партијата на српскиот прмеир, кој своевремено беше и советник во министерството за култура рокерот Бора Ѓорѓевиќ на концертот ја одрецитира својата песна во која лидерот на либералите Чедомир Јовановиќ го нарекува наркоман. Тоа предизвика остри реакции, а не го премолќа ни српскиот претседател Борис Тадиќ кој често е критикуван од Јовановиќ:

„Јавно го осудувам таквиот гест. Тоа е нешто највулгарно што сум го видел. Нешто несфатливо. Тоа повторно не воведува во балканска какофонија, минато, судири.“

Во Демократската партија на Србија на Коштуница пак потсетуваат дека Бора Ѓорѓевиќ и порано бил познат по острите напади врз оние со кои не се согласува политички. Тоа се однесувало и за Слободан Милошевиќ.

„Тој тоа не го кажа само пред некоја вечер. Тој така зборува дваесет или триесет години.“

вели Душан Пророковиќ, од Демократската партија на Србија.
XS
SM
MD
LG