Достапни линкови

Добра координација на трговците со дрога од повеќе балкански и европски држави


Илегалниот товар од над четиристотини и осумдесет килограми кокаин од Венецуела што во минатиот викенд беше откриен на македонската граница, претходно успеа незабележано да мине половина Европа. Тоа ја покажува добрата соработка на трговците со дрога од повеќе балкански и европски држави.

Илегалната пратка во контејнери на белградската фирма Макфут во сопственост на Станислава Полетан, име кое од порано им е познато на полициите во регионот. Фирмата била основана на први декември две илјади и четвртата, а во регистерот на стопански субјекти во Србија била воведена во април минатата година. Но, на посочената адреса е станот на семејството Полетан со блиндирани врати. Станислава Полетан со моминско презиме Чочоревска беше спомнувана во Србија пред четири години, односно во текот на истрагата за трансферот на фудбалери за клубот Обилиќ. Рајко Даниловиќ, адвокат на фолк пејачката Светлана Ражњатовиќ Цеца која беше осомничена дека со овие трансфери го оштитила клубот вели дека Цеца била само формален претседател на тимот и оти се било зделка на нејзиниот сопруг Аркан и на неговата кума Станислава Чочоревска. Весникот Блиц тогаш тврдеше дека Станислава е внука на поранешниот шеф на македонската тајна полиција Слободан Богоевски. Полициските сознанија покажуваат дека Полетан била само дел од шверцерскиот синџир. Според аналитичарот и новинар на неделникот Глобус Гордан Малиќ, станува збор за добро поврзани структури од класичниот криминал доразузнавачкото подземје кои први се помириле на просторите на бивша Југославија и во последниве десетина години одлично соработувале:

„Познато е дека многу српски криумчари и криминалци пред неколку години биле добредојдени гости во Хрватска и добивале хрватски пасоши. Сега тоа малку е променето.“

Поранешниот потпретседател на Интерпол за задолжен за наркотици Марко Ницовиќ објаснува зошто кокаинот од Венецуела, по заобиколен пат, стигнува во Европа и Соединетите Држави:

„Кога ќе дојде кокаин од Јужна Америка во некое од северноамериканските пристаништа тогаш полицијата и царините се многу претпазливи. Но, никој не очекува кокаин од Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија или Хрватска.“

Вели Ницовиќ. Последниот случај претставува доказ колку се способни криминалците, смета директорот на центарот за регионализам Александар Попов:

„Како може некој криминалец да мине пет гранични премини и дури на шестата да биде фатен. Да постоеше соработка меѓу државните служби, тој би бил уапсен уште на првата граница.“

Со тврдењата дека товар со наводен поликолор од Венецуела треба да биде сомнителен за секој се согласува и директорот на црногорската царинска управа Миодраг Радусиновиќ.

„Можам да кажам дека се согласувам со овие констатации и оти наведената пратка требаше да го сврти вниманието на цариниците на Црна Гора, Италија и Шпанија. За жал тоа не се случи. Тоа не го стори ни македонската царина, туку таа реагирала врз основа на разузнавачки податоци.“

Вели Радусиновиќ.
XS
SM
MD
LG