Достапни линкови

Криза во политичкиот дијалог


Без присуство на опозицијата помина денешниот работен појадок во Клубот на пратениците во организација на премиерот Никола Груевски, кој пак во отсуство на поканетите лидери на Социјалдемократски сојуз и Демократската Унија за интеграција Радмила Шеќеринска и Али Ахмети, се сретна само со Мендух Тачи потпретседателот на ДПА коалиционен партнер во власта. Инаку на денешната средба како што беше соопштено требало да се разговара за собранискиот деловник, уставните измени за воведување задолжително средно образование и измените на изборниот законик во делот на гласање на дијаспората. По средбата премиерот Никола Груевски и потпретседателот на ДПА Мендух Тачи изјавија:

„Ние бевме подготвени со целосна анализа за прашањето за задолжителното образование и денеска ќе ги испратам овие анализи во целосна форма. Инаку изборниот законик воопшто не е усвоен на владата и не е испратен во Собранието, туку тој беше разгледан на владата и таа го утврди како почетен предлог за разговори со опозицијата за што очекувам да ги чујам нивните размислувања.“

„Се договоривме со премиерот повторно да повториме ваква иницијатива и се надевам дека ќе успееме да ги донесеме на масата за дијалог без присуство на странци.“

рекоа Груевски и Тачи.

Лидерот на опозициониот СДСМ Радмила Шеќеринска повтори дека не дошла на денешниот работен состанок поради тоа што власта не ја консултирала опозицијата за измените во изборниот закон за да се овозможи гласање на дијаспората и истакна дека условот за оваа партија да се врати на политичкиот дијалог е повлекување на овие измени се додека за нив не се консултира и опозицијата:

„Очекувме владата јасно и гласно да потврди дека таков предлог за измени и дополнување нема да се смета за донесен од страна на Владата се додека не се разговара на таа тема и додека не се постигне согласност на таа тема.“

Изјавува Шеќеринска. За Демократската Унија за интеграција пак, без присуство на меѓународната заедница како што беше планирана денешната средба, политичкиот дијалог е обичен „кафе муабет“:

„Нашиот став е дека на тие средби треба да биде присутен и меѓународниот фактор.“

Ги образложи Рафиз Алити од ДУИ причините за оттуството на лидерот на оваа партија Али Ахмети на денешниот работен појадок.
Има ли грешки и кај власта и постои ли политичка криза по веќе демонстрираниот ,,кревок,, политички дијалог меѓу власта и опозицијата, двете страни со различни гледања:

„Можеби и ние некаде грешиме не велам не, но очигледна е намерата да се создаде перцепција дека владата неможе да води дијалог.“

„Мислам дека имаме криза на политичкиот дијалог, а политичкиот дијалог е еден од условите според кои ќе се цени иднината на македонската демократија.“


Истакнаа премиерот Никола Груевски и претседателот на СДСМ Радмила Шеќеринска.
XS
SM
MD
LG