Достапни линкови

Без нови критериуми за членство во ЕУ


Лидерите на Европската Унија го завршуваат дводневниот состанок во Брисел за последен пат како блок од дваесет и пет земји. Од први идниот месец Унијата ќе брои уште две членки: Бугарија и Романија, но и ќе има забавен процес на проширување се додека не ги добие институционалните рамки потребни за прием на нови земји.

Европската Унија барем неколку години ќе има дваесет и седум членки, решија евролидерите на нивниот состанок во Брисел откако претходно го замрзнаа преговраќкиот процес со Турција земја која скоро четириесет години се обидува да влезе во Унијата. Новата евро позиција, исто така, ќе има големи последици за Хрватска, која е најнпаредната меѓу земјите кои се надеваат да влезат во заедничкото европско семејство и за Македонија која, како што наведуваат посматрачите, направила големи реформски исчекори само пет години откако за малку избегна граѓанска војна. Финскиот премиер Мати Ванханен чија земја е актуелен претседавач со Унијата до крајот на месецов изјави дека лидерите се согласиле оти земјите кои се надеваат на европско членство ќе имаат обврска постриктно да ги почитуваат правилата на Унијата.

„Силно е потенцирано дека брзината на пристапувањето зависи од способноста на земјите да ги исполнат правилата. Но, од друга страна нема да има поставување на нови критериуми.“

изјави финскиот премиер Ванхамен, наведувајќи дека Унијата ќе треба да ја зголеми транспарентноста околу процесот на проширување за да можат нејзините граѓани да знаат што се случува. Целта е да се постигне нов консензус околу проширувањето, вели тој,
прецизирајќи:

„Унијата не поставува нови пречки. Ние не затвораме никаква врата. Имавме многу добра дискусија за Западен Балкан и заклучивме дека тие заслужуваат европска иднина.“

Клучниот проблем е неуспехот на новиот европски Устав кој во минатата година беше одбиен на референдумите во Франција и Холандија. Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо појаснува дека новиот консензус за проширувањето ќе важат се додека не зацврстат европските институции.

„Ја сфаќаме потребата од комбинирање на стратегиската визија на проширувањето, односно зошто проширувањето е многу важно за Европа, со капацитетот за интеграција на Европската Унија. Под капацитет мислам на способноста на земјите кандидатки да ги исполнат сите потребни барања, но исто така и на способноста на Европската Унија да не слабее од натамошно проширување, туку напротив да зајакнува.“

Вели Баросо, додавајќи дека Европската Унија ќе се воздржува од поставување крајни рокови за пристапување се додека преговорите со земјите кандидатки не бидат пред нивно конечно завршување.
XS
SM
MD
LG