Достапни линкови

Отежнет пристап за идните членки на Унијата


Самитот на Европската Унија што почнува денеска ќе потврди дека нејзиното ширење кон исток претставува безусловен успех со кој завршија поделбите од Студената војна и кој доведе четиристотини и седумдесет милиони луѓе заедно да ја градат својата иднина. Но, самитот ќе им го отежне пристапот на оние што сакаат да и се придружат на Унијата во иднина.

На дводневниот самит нема да дојде и до целосно кревање на мостот откако Романија и Бугарија ќе се провлечат до европската тврдина на први идниот месец. Меѓутоа, евро лидерите ќе им стават јасно до знаење на турците, македонците, србите, украинците и на другите кои чекаат на портите дека тврдината се потешко се освојува, пишуваат агенциите за состанокот на европските лидери со кој формално се означува преминувањето на шестмесечното претседавање на Унијата од Финска на Германија. ,,Мој предлог е да најдеме некаков вид нов консензус околу проширувањето,, вели за Ројтерс, финскиот премиер Мати Ванханен откако во понеделникот евроминистрите го забавија преговарачкиот процес со Турција. Зад европската исцрпеност за натамошно проширување стојат минатогодишните референдуми во Франција и Холандија против новиот европски устав кој требаше да ги среди работите во Унијата по приемот на десете нови членки, претежно од источна Европа. Инвазијата на евтина работна сила, грабање по работни места, намалени дневници и социјална помош. Нацрт декларацијата од дводневниот самит која шефовите на дипломатиите ја финализираа оваа недела е полна со зборови кои ја изразуваат загриженоста од овие појави. Конечната формулација пак, би требало да претставува компромис меѓу земјите како Франција, Холандија и Австрија кои не се за ново проширување и земјите како Британија, Шведска и Полска кои инсистираат на политика на отворена врата. Но, компромисот ќе значи воведување поцврсти услови на сите нивоа од преговорите со потенцијалните членки. ,,Тешките прашања како реформите на администрацијата и судството и борбата против корупцијата ќе бидат во почетната фаза,, наведуваат извори во Брисел, додавајќи дека Унијата во иднина ќе се воздржува од поставување рокови и дати за завршување на преговарачките процеси. Турција веќе го почувствува вкусот на таквиот построг пристап на Европската Унија. Тука се и Хрватска која се надева на членство во две илјади и деветата, како и Македонија, Црна Гора, Албанија, Србија, Босна. За поголемите држави како Украина засега се зборува како на соседки на Унијата. ,,Треба да кажеме кој е европеец, а кој не. Треба да ги продлабочуваме врските со Турција, но не и да одиме толку далеку како што е целосното членство,, вели Николас Саркози, француски министер за внатрешни работи и водечки кандидат за нов француски претседател.
XS
SM
MD
LG