Достапни линкови

Македонија останува на дното на светските табели


„Зет од сестра се оперираше и внуката вели, докторе што да ве почестам, што пиете? Тој рекол, ништо не пијам, пари дај колку мислиш.“
„Еве, мајка ми така почина, ја пуштиле цела ноќ, без контрола, грижа, ако дадеш пари ќе бидеш згрижен.“


Преку овие примери граѓаните ја отсликуваат македонската реалност, во која според последните истражувања на меѓународната организација Транспарентност здравството е една од најкорумпираните области.
Сепак анкетата покажала дека на прво место по степенот на корупција е судскиот систем. Според Јован Трпеноски од Антикорупциската комисија начинот на којшто е поставен судскиот систем во земјава, го прави подложен на незаконско и неефикасно работење.

„Основно е дека се изврши партизација на судството. Се водеше сметка за партиската припадност, а не за квалитетот на кандидатот. Дојдоа луѓе што не го познаваат правото и правниот систем и не се способни.“

Вистина е дека корупцијата е присутна во судството, признава судијата Лазар Нанев, претседател на основниот суд Кавадарци, но според него коруптивното однесување на неколку судии не треба да се генерализира.

„Овие анализи се претенциозни во овој момент, од аспект на тоа што анализата е направена врз основа на мислењата на граѓаните, неводејќи сметка за обемот на работа и работните задачи што ги извршуваат самите судии.“

Незадоволството на судиите од висината на платите, како и влијанието на законодавната и извршната власт над судската се главните причини за корупција во судството, вели Нанев. Според него државата се уште не изградила механизам на заштита од корупцијата.

„Најважната работа што треба да се реши е како да се направи трансформација на човечките капацитети, мислам на самите судии, и како да им ја трансформираме свеста?“

Иако стандардот во земјава е низок и можеби токму тоа е она што ги тера луѓето да посегнат по пари, граѓаните не го оправдуваат ваквото однесување. Според нив надлежните институции треба поодлучно и поефикасно да се борат против корупцијата во кој било сегмент од општественото живеење.
XS
SM
MD
LG