Достапни линкови

Консензус за стратешките прашања


Меѓу опозиционите партии Социјалдемократскиот сојуз и Демократската Унија за интеграција има расположение за прифаќање на поканата што до нив ја упати премиерот Никола Груевски да учествуваат со свој член во работата на Националниот Комитет за влез на земјава во НАТО. Постои консензус за стратешките прашања како НАТО интеграциите и кај нас нема дилема дека ќе учествуваме во работата на овој Комитет, велат во Социјалдемократскиот сојуз:

„Претседателството на СДСМ ќе заседава во понеделник и ќе делегира свој претставник во Националниот Комитет за членство на Македонија во НАТО.“

Изјавува Емилијан Станковиќ од оваа партија. Во ДУИ пак, оставаат можност за дополнително одлука но, велат првично нема причина да неучестуваат во работата на Националниот комитет. Ермира Мехмети потенцира:

„Овој Комитет е формиран и претходно така што ние не гледаме причина зошто не би учествувале во него, како релевантна политичка партија.“

Иако постои безрезервен консензус по однос на процесите за членство на Македонија во НАТО како и во Европската Унија, опозицијата сепак и укажува на актуелната влада дека покажува аматерски однос кон овие клучни стратешки прашања. Претседателот на СДСМ Радмила Шеќеринска во неделното интервју за нашето радио посочува:

„Кај НАТО добивме добри вести, но плаши фактот што и Владата изгледаше малку затечена, и јас би рекла дека тоа говори, за едно аматерско однесување по едно од главните прашања за Македонија .“

вели Шеќиринска. Инаку, Националниот Комитет за влез на земјава во НАТО, функционираше уште во претходниот владин состав, со доаѓањето на новата власт неговото ниво на функционирање е подигнато и наместо како претходно Министерот за надворешни работи, сега со Комитетот заседава премиерот Никола Груевски, а членови се останатите министри вклучени во процесот на подготовките за членство во НАТО. Улогата е координација на активностите соглано нашите аспирации за интеграција во Алијансата, објаснува Шпреса Јусуфи портпарол на Министерството за надворешни работи:

„Се очекува овој Комитет да ја наметне динамиката до целосно исполнување на потребните критериуми и стандарди за членство.“

Потенцира Јусуфи.
XS
SM
MD
LG