Достапни линкови

Опозицијата смета дека нацрт верзијата е премногу рестриктивна


Скусување на дискусиите на 10 минути за пратениците, односно 15 минути за координаторите на пратеничките групи, една минута време за пријавување за учество во собраниската расправа, болничка потврда за секое отсуство на парламентарец, скусување на временската фаза за донесување на законските акти, се дел од предлозите содржани во нацрт верзијата на собранискиот деловник предложени од владеачкото мнозинство. Коментирајќи ги ваквите решенија, домашните експерти укажуваат дека Парламентот мора да стане поефикасен:

„Деловникот е еден методолошки прирачник за работа на Собранието кој треба да ја оневозможи секоја манипулација на парламентот и на парламентарните дискусии за дневно политички потреби.“

Објаснува експертот по политички систем Дане Талески. Но, опозицијата негодува дека со ваквите рестриктивни решенија Парламентот се става во подредена улога во однос на Владата, односно наместо да дебатира, само експресно ќе ги прифаќа сите законски акти кои произлегуваат оттаму. Пратеничката Славица Грковска од Социјадемократскиот сојуз посочува:

„Ваквото скратување на можноста за дискусија го квалификуваме како скратување на можноста да ги кажеме нашите аргументи по повод одредени законски решенија.“

И за опозиционата Демократската Унија за интеграција од албанскиот политички блок, исто така е неприфатливо скусувањето на времето за дискусија, но тие бараат во новиот деловник да се дефинира и употребата на албанскиот јазик на повисоко ниво во Парламентот:

„Со овој нов деловник се ускратува правото на пратениците албанци да ги водат седниците на Собранието на својот мајчин јазик.“

Изјавува Рафиз Алити од ДУИ. Владеачкото мнозинство се брани од ваквите критики на опозицијата. Оттаму велат дека мора да се подобри ефикансноста на парламентот. Влатко Ѓорчев од ВМРО ДПМНЕ изјавува:

„Еден пратеник дискутираше три дена, имавме триесет пратеници кои што читаа еден говор, значи целосна нефункционалност и опструкција на Парламентот, а ние сакаме тој да функционира.“

За новото решение на собранискиот деловник со македонските парламентарни претставници деновиве разговара експертот за деловник од германскиот Бундестаг Волфганц Це, а деловникот беше главна тема и со американските конгресмени при нивната неодамнешна посета на земјава. Нивниот став е дека за новите решенија мора да има поширок консензус меѓу сите политички партии.
XS
SM
MD
LG