Достапни линкови

Македонија ја има поддршката од Вашингтон и Брисел за позитивен сигнал од Рига


Во пресрет на претстојниот самит на НАТО во Рига од министерството за надворешни работи информираат дека Македонија има поддршка од Брисел и од Вашингтон, а дека изјавите на државниот врв за позитивен сигнал и спомнување на трите земји од Јадранската група, и покана за членство на наредниот самит се темелат на чекорите и ветувањата што се добиваат од мегународните претставници. Притоа потсетуваат и на усвоената декларација за поддршка од страна на американскиот сенат

„Што се однесува до Рига, во периодов се драфтира текстот на финалниот документ што треба да произлезе од самитот. Нашите сознанија се дека зборовите се во насока на нашите очекувања,“

Изјави Шпреса Јусуфи од министерството за надворешни работи.
Неодамна пак од Брисел истакнаа:

„Прерано е да се каже 100 проценти кога ке има покани, но убеден сум дека НАТО нема да упати покани до трите земји, наместо тоа верувам дека ке се нагласи дека Алијанстата продолжува со политиката на отворени врати, останува политиката на проширување и ги охрабрува земјите да работат за постигнување на членство,“

изјави портпаролот на Алијансата Џон Апартураи.

Влатко Цвртила советник на хрватскиот претседател Стјепан Месич вели дека реално е да се очекува при добивањето на покани за членство да се повтори досегашното искуство

„Со оглед на тоа што досега главните покани беа по групи така може да се очекува дека сите три држави ке бидат заедно поканети, но тоа не значи дека и заедно ке бидат примени“

Во нацрт документ кој ги дефинира темите за самитот и во кој се говори за состојбите и развојот во земјите што се стремат кон членство, состојбите во кризните региони Ирак, Афганистан и предизвиците како борбата против тероризмот, има и посебен дел за присуството на НАТО на Балканот каде се вели дека алијансата останува сериозно вклучена во овие земји, а оти во Македонија целта е да се помогне на властите во постигнување на стандардите. Аналитичарите со свое видување за односите Македонија- НАТО

„Внимателното читање на резолуцијата на Сенатот, покажува дека одеднаш во тоа друштво се вклучува и Грузија. Ако е точно дека трите држави од Јадранската група покажале до сега најмногу прогрес, тогаш се појавува уште една изненадувачка карта во оваа гео политичка слика, што секако ги одразува американските национални интереси и нема многу врска со реалноста. Ние секогаш сме добивале политичка поддршка и ретко сме биле изложени на остра меѓународна критика, во тој поглед нема промени, промените треба да ги очекуваме дома,“

изјави Билјана Ванковска од Институтот за мировни и одбрамбени студии.
XS
SM
MD
LG