Достапни линкови

Формирање лоби група што ќе се залага за прашањата во интерес на Македонија


Можност за создавање на лоби група која ќе се залага за прашања во интерес на нашата држава, вака велат македонските парламентарци ќе ја искористат средбата со претставниците на претставничкиот дом на САД од Комисијата за демократска помош, предводена од републиканецот Дејвид Драер и демократскиот член Дејвид Прајс, што деновиве престојува во посета на македонското Собрание. Колку е битна соработката со еден од нашите врвни стратешки партнери Соединетите Американски Држави, говори деновиве донесениот закон од страна на американскиот Сенат во кој се повикува на прием во членството во НАТО на земјите од Јадранската група, Македонија, Хрватска и Албанија, велат македонските пратеници. Силвана Бонева од ВМРО ДПМНЕ која е член на пратеничката група формирана за соработка со американскиот парламент објаснувајќи го значењето од ваквите средби, а при тоа пренесувајќи и свое претходно искуство вели:

„Го имаме искуството од претходниот парламентарен состав, јас бев претседател на парламентарната група за соработка со Полска и имаме навистина позитивни искуства. На пример, излобиравме кај голем дел од полските пратеници да ја прифатат апликацијата за членство на Македонија во ЕУ. Се надевам дека и овој пат при посетата на американските конгресмени ќе успееме да добиеме наши лобисти во Конгресот на САД.“

Вели Бонева. Посетата на американските конгресмени воедно претставува и можност за размена на меѓусебни искуства. Македонските пратеници, во минатиот парламентарен состав веќе беа во посета на американскиот Конгрес. Пратеникот Слободан Најдовски од ЛДП кој ја предводеше делегацијата забележува:

„Ни беа претставени, а и денеска ќе разговараме за тоа, како функционираат канцелариите кои што ги имаат во своите избирачки места, исто така, како контактираат со одредени експерти за донесување на законска регулатива и многу други прашања.“

А токму за подобрување на функционирањето на македонскиот парламент, меѓудругото пред делегацијата конгресмени ќе биде преставен и новиот собраниски деловник:

„Конгресмените го побараа и веќе им е доставен новиот нацрт деловник и по однос на ова ќе може да се слушнат нивните забелешки и предлози.“

Изјавува Тодор Пендаров портпарол на претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски.
XS
SM
MD
LG