Достапни линкови

Новиот Устав на Србија е потврден


Новиот Устав на Србија е потврден на вчерашниот референдум, соопшти денеска во Белград Републичката изборна комисија. За Уставот гласале пеесет и два насто, а одѕивот бил нешто над песет и четири проценти од гласачите. Српските лидери им честитаа на граѓаните за ваквата одлука која, како што оценија, легална рамка за новата држава, ослободена од режимот на Слободан Милошевиќ. Уставот, според најавите, треба да го отвори патот и за нови парламентарни избори во земјата кон крајот на годинава.

За да биде важечки, на референдумот требаше да излезат над пеесет насто од над шест милиони и шестотините илјади регистрирани гласачи во Србија. Според некои посматрачи, одѕивот покажал дека имало многу кои не се изјасниле за новиот Устав и оти за малку референдумот немало да биде валиден. Сепак, српските лидери искажаа задоволство од резултатот. За премиерот Воислав Коштуница станува збор за уште една победа и нов почеток за Србија, откако Црна Гора прогласи независност и се отцепи од заедничката држава.

„Со Уставот Србија е посилна. Со Уставот кој ја штити нејзината државна целовитост, со Уставот кој јасно става до знаење дека Србија е демократска и правна држава, со Уставот кој, повикувајќи се на меѓународното право, уште еднаш кажува дека Косово и Метохија е составен дел на Србија.“

Изјави српскиот премиер Воислав Коштуница, кој во врска со Косово додаде:

„Бранејќи го Косово, ние всушност браниме и нешто што е многу повисоко од нашиот интерес и што се однесува на стабилноста и мирот во регионот, а тоа е меѓународното право.“

Според Коштуница, Уставот ќе заживее во оној момент кога ќе бидат формирани сите институции врз основа на резултатите од претстојните избори. Притоа тој одбегна да каже дали тие и ќе бидат одржани до крајот на годинава. Честитајќи им ја на граѓаните, како што рече, добрата вест за Србија, шефот на државата Борис Тадиќ изјави:

„Ова навистина е е многу важен момент за нашата земја со кој се дистанцираме од периодот на Милошевиќ. Мислам дека создаваме подобра иднина за Србија.“

И претседателот Тадиќ очекува тоа да биде сторено преку нови избори во земјата:

„Очекувам избори по овој референдум за Уставот и очекувам по нив да биде формирано силно демократско мнозинство во парламентот и демократска влада која ќе ја води Србија кон Европската Унија.“

Изјави Тадиќ. Вчерашниот референдум го бојкотираа косовските албанци чии претставници изјавија дека Уставот нема никакво правно дејство врз Косово, ниту пак ќе влијаат врз преговорите за неговиот иден статус.
XS
SM
MD
LG